55 проценти од 3.146 медиумски работници имаат потпросечни плати, покажува истражувањето на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници. Најголем процент (над 70) работат во онлајн медиумите и примаат плати под државниот просек.
„Она од што стравувавме и имавме првични наоди – се покажа како сурова реалност: вработените медиумски работници во интернет-изданијата се само една петтина од вкупниот број работни позиции, односно над 600 вработени. За жал, само еден од тројца вработени е редовно пријавен на полно работно време, а платите се под државниот просек – рече претседателот на ССНМ, Павле Беловски и додаде дека економската неизвесност и натаму е предизвик за новинарите и медиумските работници, а фокусот треба да остане на унапредување на нивните работнички и социјални права.
На конференцијата „Социо-економската сигурност – услов за професионално новинарство“ присуствуваше и евроамбасадоро Дејвид Гир, кој рече дека без професионалните новинари нема демократија.
„Но, за да може новинарите да можат да ја вршат својата работа правилно, политичките и социо-економските услови мора да бидат исполнети. Фер работни услови за новинарите не се луксуз, туку суштествени за професионален и динамичен медиумски сектор. Задоволство ми е што се приклучив на дискусијата за подобрување на економските и социјалните права на новинарите“, рече Гир.
На првиот панел од конференцијата преку видео врска се обрати и Претседателката на Европската федерација на новинари, Маја Север која рече дека е многу важно да се осигура независноста и одржливоста на медиумите преку заштита на социо-економската состојба на новинарите.
„Само преку заеднички напори на медиумските организации, граѓанското општество, независните синдикати, па дури и соработка и преговори со државните власти можеме да создадеме клима/опкружување во кое новинарите може да ја остварат својата улога на стражари на вистината и стражари на јавниот интерес“, рече Север.