Повеќе од две години не почнува судскиот процес за обвинетиот управен судија

Против Шахини беше поднесено обвинение за злоупотреба на службената положба. Тој се товари дека ја оштетил државата за над 200.000 евра.

by fokus

На 5 декември 2019 година Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против судијата во Управниот суд, Мустафа Шахини.

Кривичниот суд го прифати обвинението, но и по повеќе од две години од обвиненителниот акт, судењето против Шахини уште не е почнато.

Според информациите од Кривичниот, имало неколку обиди да почне судењето, но почетокот бил одложуван поради тоа што дел од странките биле заразени или биле отсутни.

Обиди да го почне судењето против својот колега имал судијата Дарко Тодоровски, но не успеал да го означи почетокот на овој судскиот процес.

Тодоровски од Кривичниот оддел за организиран криминал во Кривичен  е префрлен во одделот за прекршоци.

Предметот против управниот судија го презеде неговата колешка Ленка Давиткова, па Давиткова ќе се обиде да го почне судењето против еден од ретките судии против кои било покренато обвинение.

Против Шахини беше поднесено обвинение за злоупотреба на службената положба и овластувањата по член 353 став 5, кој пропишува затворска казна од пет години нагоре. Тој се товари дека ја оштетил државата за над 200.000 евра.

Обвинетиот до неговиот избор за судијa кон крајот на 2007 година, работејќи како адвокат, ги застапувал правните интереси на две физички лица, негови роднини, во оставинска постапка за градежно неизградено земјиште во Струга.

Воедно, иако на нивниот правен претходник, по спроведена постапка за експропријација на земјиштето, со спогодба му бил определен и исплатен надомест за земјиштето што било предмет на оставинската постапка, тој повел постапка и пред Комисијата за одлучување по барањата за денационализација.

Во меѓувреме, обвинетиот бил избран за судија во Управниот суд, каде што била поднесена тужба по основ на молчење на администрацијата против Комисијата за одлучување по барањата за денационализација во врска со истиот предмет за денационализација, по кој обвинетиот постапувал претходно како адвокат. Управниот суд оформил предмет кој бил доделен за работа токму на Шахини.

-Од 10.09.2018 до 24.01.2019, обвинетиот, како службено лице судија, постапувајќи спротивно на законските одредби, го земал предметот да го работи, иако знаел дека како поранешен адвокат на тужителите не смее да постапува и е должен да се изземе од постапувањето по однос на тужбата. Но, тој не ја прекинал работата врз предметот и не го известил Претседателот на Управниот суд за конфликтот на интереси.

Притоа, иако поднесената тужба била неуредна, обвинетиот не го повикал тужителот да ги отстрани недостатоците, ниту пак ја отфрлил тужбата, туку продолжил да постапува по неа. Преземајќи дејствија во предметот, оневозможил Државното правобранителство како заинтересирано лице да се вклучи во управниот спор и да преземе мерки и правни средства за правна заштита на имотните права и интереси на државата, стои во обвинението.

Откако Шахини беше само осомничен, Судскиот совет не дозволи да му биде определен притвор иако обвинителката Вилма Русковска бараше.

Судијата беше разрешен дури на 15 октомври 2020 година.

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости