Повеќе од две години не е решена мистеријата со неготинецот Коце!

by fokus

Две години и два месеца не се знае судбината на неготинецот Коце Панов (80), кој излегол од својот дом рано наутро и повеќе не се вратил. Тој исчезнал на 27-ми ноември 2022 година, во утринските часови, по што му се губи траг.

Во општината тој е единственото лице кое се води за исчезнато. Во минатото, кога се случувало некој да биде пријавен како исчезнат, случаите се решавале за кратко време, односно или истиот ден, или пак за неколку недели.
Сите лица, пријавени за исчезнати беа пронаоѓани во добра состојба, освен во еден случај од 2009 година, кога пензионер по кого се трагаше неколку недели беше пронајден мртов, завиткан во тепих и фрлен во областа Куријски пат. Два дена по пронаоѓањето на телото беше откриен и приведен убиецот.

Токму поради тоа што се работи за мало место, каде речиси сите меѓусебно се знаат, а градот е покриен и со бројни камери за видео надзор, неготинци се прашуваат како досега не се пронајде исчезнатиот Коце.

-Каде и да одиш, посебно среде бел ден, не може, а некој да не те види, да не те препознае. Во малите градови луѓето се знаат, и да сакаш, не можеш да се скриеш, ќе те сретне некој познат. Затоа и мистериозното исчезнување на пензионерот е настан кој го вознемири населението, велат неготинци за ,,Фокус”.

Од СВР Велес пак, за ,,Фокус” потврдуваат дека пензионерот се уште се води како исчезнато лице, и дека во врска со случајот биле преземени повеќе активности.

Последните официјални податоци од СВР Велес поврзани со Панов се дека на 27-ми ноември 2022 година, околу 13.15 часот во ОВР Неготино, лицето Ѓ.П. кој е син на Коце, го пријавил неговото исчезнување.

Четири месеци потоа, односно на трети март 2023 година по барање на ОВР Неготино, а по наредба на ОЈО Кавадарци било извршено полиграфско тестирање врз Ѓ.П. кој по насоки на јавен обвинител бил задржан во ОВР Неготино.

-Наредниот ден, односно на четврти март 2023 година, со судска наредба, извршен е претрес во домот и помошните простории кои ги користи лицето Ѓ.П..
К.П. од 27.11.2022 до денеска се води како исчезнато лице, а за превземените мерки и активности е известено ОЈО Кавадарци- информираа од СВР Велес за ,,Фокус” минатата година, а сега потврдија дека нема нови детали во истрагата, и по лицето се уште се трага.

Вики Клинчарова

Поврзани новости