Четири недели пред изборите, повеќе од четири милиони Американци веќе гласале за претседател, покажуваат податоците за предвременото гласање.
Оваа бројка е далеку повеќе од околу 75.000 кои гласаа пред претседателските избори во 2016 година, забележува Американскиот изборен проект.
Изборите треба да се одржат на 3 ноември и ваквите бројки најавуваат дека би можело да има рекорден одзив на изборите на кои учествуваат актуелниот претседател Доналд Трамп како кандидат на републиканците и демократот Џо Бајден.
Мајкл Мекдоналд од Универзитетот во Флорида, кој го води изборниот проект, смета дека поголемиот одзив е поттикнат од одлуката на многу држави да дозволат предвремено гласање и гласање преку пошта поради пандемијата на коронавирусите, но и од желбата да се донесе одлука за политичката иднина на Трамп.
-Никогаш не сме виделе толку голем број луѓе да гласаат многу порано. Луѓето гласаат кога ќе одлучат кого да поддржат и знаеме дека голем број веќе одлучија и веќе имаат мислење за Трамп, рече Мекдоналд.
Поради наглото зголемување на бројот на гласачи кои гласаа порано, Мекдоналд предвидува рекордна излезност од околу 150 милиони, што е 65 проценти од Американците со право на глас, и тоа би бил највисок процент од 1908 година, пренесува Гласот на Америка.
Според анкетите на националното мислење, Бајден има предност во однос на Трамп, иако истражувањата во сојузните држави што можат да го одлучат победникот на изборите укажуваат на тесна трка меѓу двајцата кандидати.