Повеќе од 3.000 лекари за една деценија заминаа во странство и приватните болници, Камчев ги собра и докторите од клиники

by Fokus

Листата на заминати лекари од јавното здравство секојдневно се зголемува, а последен на списокот, кој го напушта бродот што тоне е ортопедот Виктор Камнар, кој е и поранешен директор на скопската Клиника за ортопедија за време на владеењето на СДСМ.

Според информациите до кои дојде „Фокус“, после долгогодишно работење на скопските клиники, тој својата лекарска кариера планира да ја продолжи во приватната болница „Аџибадем-Систина“.

Само краток период претходно, пет лекари- специјалисти си заминаа од скопската Детска клиника, со која во моментот управува доктор Стојка Нацева-Фуштиќ, а нашите извори тврдат дека уште двајца лекари се во план да си одат. Тоа се само седум лекари за краток период, од кои повеќето одат во болницата на Орце Камчев, додека мал дел заминале за Германија.

Скопската Клиника за детски болести одамна се претвори во „осило“ болница со нарушени меѓучовечки односи, местенки, борба за директорски фотелји, а сето тоа најмногу удира врз грбот на пациентите, во случајот децата. Препукувањата и борбата за превласт ја оставија болницата без лекари/професори, со што во догледно време може да го изгуби и статусот на клиника.

На истата листа може да се најде и скопската Инфективна клиника, каде одливот на кадар започна уште во времето на страшната ковид пандемија. И тие по долги убедувања и напрегања, своето финансиско засолниште го најдоа во приватната болница „Систина“.

Јас со последните сили останав на клиника, трудејќи се да се изборам за тоа што работам и ја градам својата кариера речиси 30 години. Но, колку и да сакаш да се бориш, не ти оставаат можност.

Со смешни плати, понижени, без основни услови за работа, а со тендерски мафии. Вака функционира цела држава, а таму кај што живот треба да се спаси, на никој не му е гајле. Ги третираат луѓето како кукли. Жално и страшно“, објаснува за „Фокус“, лекарка, која сакаше да остане анонимна.

Сепак, додека во главниот град доаѓа да се лекува цела Македонија, атмосферата во помалите градови го отсликува вистинскиот хорор, кој го преживуваат граѓаните, кои живеат таму. Речиси, низ сите јавни здравствени установи недостигаат гинеколози, педијатри, интернисти, кардиолози, инфектолози…

Како што некој лекар ќе отиде во пензија, така таа специјалност полека згаснува, па за да се утврди само една обична дијагноза, пациентите мора да патуваат до Скопје. Поточно, нема лекар кој може да види од што боледуваат, а додека да се реагира најбрзо што може и да се стигне до соодветната дестинација, животот на болниот е ставен на коцка.

И покрај тоа што се уште работи во јавно здравство, претседателот на Здружението на медицински лаборанти на скопскиот Клинички центар, Ивица Апостолов во изјава за „Фокус“ открива дека се уште не го добиле смешното покачување од 2.000 и 3.000 денари во мартовските плати.

Од каде не понижуваат со смешни бројки, и тоа бруто се 2.000 денари, колку ќе се нето срам ми е да кажам, замислете се уште не ни ги исплатиле. Требаше да ги земеме со платата во март, ама и тоа доцнат. Победни и да сакаме не можеме да бидеме“, вели Апостолов.

Тука постепено доаѓаме и до последните официјални статистички бројки на лекари, кои побарале потврда да заминат во странство.

Со активни лиценци во земјава фигурираат околу 9.500 лекари, од кои голем дел работат надвор од државата. Податоците од македонската Лекарска комора со кои располага „Фокус“ покажуваат дека за последните пет години, од таму потврда побарале вкупно 932 лекари, од кои само за 2023 година до април на ваков чекор се одлучиле дури 75 лекари. За споредба, лани ваква потврда побарале 174 лекари, во 2021 година 187, додека во 2020 година за 50 помалку или 122 лекари. Високи бројки на лекари кои побарале потврда за заминување во странство има и во 2018 и 2019 година, каде вкупниот број е 374 лекари.

Ирена Мулачка

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

 

Поврзани новости