Повеќе од 100 земји-членки на ОН испратија писмо со поддршка до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, откако Израел го прогласи за персона нон грата.
„Ја изразуваме нашата длабока загриженост и осуда за неодамнешната изјава на министерот за надворешни работи на Израел (Исраел Кац) во која тој го прогласи генералниот секретар за персона нон грата што вклучува посредување во конфликти и обезбедување хуманитарна поддршка“, се вели во писмото од земјите-членки, објави Гардијан.
Меѓу земјите кои не го потпишале писмото се САД, Велика Британија, Австралија, Нов Зеланд и Канада.
Кац одговори со омаловажување на писмото, пишувајќи на платформата X дека одлуката за забрана на португалскиот дипломат е поттикната од неговото одбивање да го осуди неодамнешниот ирански ракетен напад врз Израел заедно со „неговото антисемитско и антиизраелско однесување“ објави Тајмс оф Израел.
Тој тврди дека речиси 90 отсто од Израелците се согласуваат со неговата одлука и дека „Гутереш може да продолжи да се обидува да собира потписи за поддршка (за себе) од членките на ОН, но одлуката нема да се промени“.
Објавувајќи ја својата одлука минатата недела, израелското Министерство за надворешни работи рече дека тоа е реакција на одговорот на Гутереш на нападот, „во кој тој не го спомна Иран по име и не ја осуди недвосмислено неговата тешка агресија“.
По забраната, Гутереш изјави дека „како што требаше да биде очигледно вчера во контекст на осудата што ја направив – повторно силно го осудувам вчерашниот масовен ирански ракетен напад врз Израел“.