Повеќе од 100 лица се уапсени во Иран во врска со случаи на труење на ученички во земјата, соопшти иранското Министерство за внатрешни работи.
Осомничените се идентификувани, уапсени и се под истрага во неколку ирански градови, вклучително и Техеран, јавува иранската државна агенција ИРНА.
Многумина од обвинетите користеле безопасни материи со интензивен мирис од авантуризам и со намера да ги затворат училниците“, се вели во соопштението.
Иранското министерство додаде дека меѓу уапсените има и лица кои имале „непријателски намери и се обидувале да шират страв и ужас меѓу народот и студентите, како и да создадат песимизам кон Владата на Иран“.
Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, ги нарече претходните труења на ученички како „непростливо злосторство“ и повика виновниците да бидат „строго казнети“.
Повеќе од 1.000 ирански ученички се разболеле од ноември по труење во училиштата.
Некои политичари ги обвинија верските групи кои се противат на образованието на девојчињата за труењето, објави Ројтерс.