Повеќе од 1.500 бесплатни превентивни прегледи на тироидна жлезда се направени за една недела од 23 до 29 мај во рамки на Виолетовиот караван 2016 по повод светската недела на штитната жлезда организиран од невладината организација „Борка“ во соработка со фармацевтската компанија Варус -Мерцк и лекари-специјалисти од Институот за патофизиологија и скопската Клиника за ендокринологија.
За само седум дена во градовите Струга, Струмица, Велес, Тетово, Кичево, Куманово и Скопје на ехо се прегледани во просек по 250 пациенти дневно. Проектот е замислен како превентивни прегледи со цел да се зголеми свесноста кај луѓето за тироидните заболувања, бидејќи на светско ниво оваа болест изби на петто место, при што во светот има повеќе од 300 милиони луѓе, кои имаат проблем со штитната жлезда, а само половина од нив се свесни за својата состојба. Старосната граница за преглед на пациентите била од 20 до 60 години, но се правеле исклучоци, па биле прегледувани и пациенти до 85 години.
Доктор Маја Здравковска од Институтот за патофизиологија вели дека има луѓе кои за првпат направиле ултразвучен преглед на тироидната жлезда.
-Од сите пациенти кои ги прегледавме постојат сомневања како за функционални, така и за морфолошки заболувања на штитната жлезда. Секој од нив, веднаш после прегледот добива образец за понатамошно иследување на болеста. Очекуваме успешни резултати од кампањата Виолетов караван 2016 со цел навремено откривање и дијагностицирање на болеста на тироидата. Има многу луѓе кои имаат проблеми со оваа жлезда, но не се свесни за тоа – објаснува доктор Здравковска.
Со неа заедно во тимот се проф. др. Даниела Миладинова, проф. др. Вењамин Мајсторов, доктор Маја Здравковска, доктор Синиша Стојановски од Институтот за патофизиологија, како и доктор Ирфан Ахмети и доктор Искра Битовска од скопската Клиника за ендокринологија.
Дел од организаторите на кампањата Виолетов караван 2016 се и фармацевтската компанија Варус која овозможила мобилна амбуланта – тиромобил, комбе во кое се овозможени основните услови за правење ехо на тироидната жлезда. Тиромобилот е даден на еднонеделно користење од Мерцк – Даркштад, Германија. Во седум градови во Македонија било овозможено ехо скрининг на тироидна жлезда на повеќе од 1.500 пациенти.
– Имаше голема заинтересираност во сите градови, но најголема беше во Велес и Кичево каде што беше многу тешко да се контролира масата на луѓе кои имаа потреба од ехо на тироидата бидејќи во тие градови нема специјалисти кои се занимаваат со оваа проблематика. Исто така, многу важно е луѓето да ги знаат и препознаваат симптомите за да се јават на преглед – истакна Марјан Радевски, преставник на Варус, еден од тимот што го организираше настанот. Неговата колешка Слаѓана Серафимовска вели дека според направените прегледи има голема патологија и се сомневаат дека има повеќе луѓе кои имаат заболување на тироидната жлезда.
За првпат оваа година во Македонија се одбележува интернационалната недела на тироидната жлезда, а 25 мај е светски ден на оваа болест. Во сите други земји интернационалната недела на штитната жлезда се одблежува од пред седум години, од 2009 година.