Поведена постапка за убиството во струшко Поум

by fokus
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи изврши увид на лице место во струшкото село Поум каде вчера во попладневните часови беше лишено од живот едно лице на возраст од 23 години. Обвинителот издаде наредби за прибирање и вештачење на пронајдените траги, како и наредба за вршење обдукција над починатото лице.

Настанот се случи околу 18.30 минути, кога на локален пат во близина на Струга со огнено оружје е пукано во сега починатиот и неговиот татко (46). Оштетените се движеле по патот со патничко моторно возило кога до нив се доближил осомничениот (22), управувајќи со друг автомобил. Осомниченото лице започнало да пука, најпрвин со пиштол, а потоа и со ловечка пушка, при што сега починатиот е смртно погоден, а неговиот татко се стекнал со тешки телесни повреди. По извршување на делото, осомничениот се дал во бегство, за подоцна самиот да се пријави во полициска станица.

Надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка поради постоење на основано сомневање дека осомниченото лице сторило кривични дела Убиство од член 123 став 2 точка 3 и Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 од Кривичниот законик. Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Струга ќе достави и предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице.

Поврзани новости