Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 21-годишен скопјанец осомничен за кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во собраќајот по член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 и кривично дело – неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода по член 301 став 1 од Кривичниот законик.
Од ЈО велат дека осомничениот, на 12 октомври, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, движејќи по булеварот „Никола Карев“ во насока од исток кон запад, управувал автомобил Мерцедес Е 320.
„Тој брзината на движење на возилото не ја приспособил спрема својствата и состојбите на патот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, така што да може навремено да го запре пред секоја пречка што под дадените услови да може да ја предвиди.
Со предниот дел од возилото удрил во телото на пешак – дете родено 2013 година кое како пешак попречно го поминувало коловозот надвор од обележан пешачки премин.
Од повредите здобиени при сообраќајната несреќа детето починало на Ургентниот центар, а осомничениот, без да укаже помош на повреденото лице го напуштил местото“, велат од ЈО.
Ценејќи ги сите околности, надлежниот јавен обвинител му предложи на судот да определи мерка куќен притвор за осомниченото лице, а дополнително и мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање и привремено одземање на возачка дозвола односно забрана за нејзино издавање.