Јавното обвинителств отвори истрага за случајот со Онкологија и побара мерки за претпазливост за поранешниот директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, кој се сомничи за седум кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и за „измама во службата“, како и за организацискиот директор, Нехат Нухи, кој се сомничи за „измама во службата“. Во случајот се осомничени и тројца лекари кои се товарат за помагање во „измама во службата“.
Васев, освен забрана за напуштање на живеалиштето и одземање на патната исправа и забрана за издавање на нова, му е изречено и оддалечување од работното место. Додека, за Нухи е побарано само забрана за напуштање на живеалиштето и одземање на патната исправа. По ова барање треба да одлучи Основниот Кривичен суд Скопје.
„Во текот на предистражната постапка, Основното јавно обвинителство Скопје обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека осомничените директори на Клиниката со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија кои што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики и со намера за друг да прибават противправна имотна корист го довеле во заблуда овластеното лице во Фондот за здравствено осигурување да изврши незаконита исплата на пари за набавка на лекови кои ги трошеле и нарачувале спротивно на законските и подзаконските прописи, без формиран стручен колегиум и без соодветни медицински протоколи. Во ова со умисла биле помогнати од тројцата други осомничени доктори кои одредена терапија пропишувале вон препораките и свесно избегнувајќи ги параметрите кои ја опишуваат состојбата на пациентот во однос на болеста“ се наведува во соопштението од обвинителството.
Од досегашната истрага утврдило е дека е сторена имотна корист за друг во износ од близу 30 милиони евра.
Основното јавно обвинителство Скопје ја продолжува истрагата во предметот поврзан со работата на Клиниката за онкологија и повторно апелира до сите пациенти да се јавуваат во Јавното обвинителство и да ги пријавуваат сите евентуални незаконитости и злоупотреби на кои биле сведоци, бидејќи нивните сознанија ќе бидат исклучително важни и во натамошниот тек на постапката.