Поведена истрага по откриена „лабораторија“ за производство на марихуана и хашиш во Скопје

by Fokus

Против 44-годишен скопјанец е поведена истрага поради основано сомневање дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Во текот на 2023 година, во куќата каде престојувал на улицата „Анатолиј Зографски“ во населба Лисиче, тој неовластено произведувал наркотична дрога. Така, при претресот извршен на 15 ноември, таму биле пронајдени 154 стебла од растението „канабис“ со поединечна висина која се движи од 65cm до 130cm, како и 4 шприца со волумен од по 10ml, од кои три исполнети со темно кафеава смолеста материја – хашиш смола, а еден исполнет со 2ml смолеста материја – хашиш смола. Осомничениот за продажба држел и 12 најлонски кеси со марихуана со вкупна нето маса од 41,6 грама. Во подрумските простории од куќата во која престојувал инсталирал опрема за одржување на температура, опрема за вентилација и наводнување, соодветни ламби за вештачка светлина, вештачки ѓубрива и набавил семки од растението канабис. Ги засадил во засебни саксии, ги сместил и одгледувал во веќе опремена просторија во куќата, а од нив произведувал марихуана и хашиш.

Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

Поврзани новости