Најавите дека винарската визба „Повардарие” од Неготино оди во стечај, ги дигна на нозе лозарите од земјава, кои најавија протест и блокади поради неисплатени обврски кон нив.
За во среда закажано е рочиште за отворање стечајна постапка за „Повардарие“, а по која треба да одлучува Основниот суд во Велес. Револтираните лозари велат дека нема да го дозволат тоа и дека ќе ја блокираат сите институции што е потребно.
Винарската визба соработува со околу седум илјади лозари од Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион во Македонија. Во услови кога немаше каде да го пласираат грозјето, тие во најголем дел го предадоа во „Повардарие“. Лозарите сега се плашат дека ќе ги изгубат парите што им ги должи винарската визба ако таа оди во стечај.
Со блокада на судот ќе се обидат да го одложат стечајот на винаријата, затоа што неготинскиот поддрум на лозарите им должи околу 5 милиони евра за предадено грозје од годинашниот род.