Советот за оцена на обвинителен акт денеска го потврди обвинениото против лидерот на опозицијата, Зоран Заев, за примање поткуп, откако претходно одбраната на претседателот на СДСМ достави приговор.
-По одржано јавно рочиште за оцена на обвинителниот акт на 1 јули 2015 година, како и по детална анализа на сите приговори поднесени од одбраната, по ценењето на фактите и на доказите приложени во обвинителниот акт, Советот го одобри во целост, додека приговорите на одбраната ги одби како неосновани, се вели во соопштението на Основен суд Скопје 1.
Според обвинението, Заев како градоначаник на Струмица од струмичкиот бизнисмен Иван Николов, кој сега се води како оштетен во случајот, побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден квадратен метар градежно земјиште во Струмица, за кое Николов бил заинтересиран да го приватизира. Како што стои во обвинението, една половина од парите требало да завршат кај Заев, а една половина за изградба на црква.