До моментов се потврдени десет загинати во пожарот, но бројката може да порасне. Ова е многу тажен ден, изразувам најдлабоко сочуство до семејствата, соопшти на Твитер, министерот за здравство, Венко Филипче.
-Лекарите се борат за животите на повредените, да им посакаме среќа и да останеме со мислите со нашите сограѓани вечерва. Апелирам до медиумите и граѓаните да не се шпекулира со бројките. Сите потврдени информации навреме ќе ги споделиме, напиша Филипче.
Засега ова се официјални информации за бројот на жртвите во пожарот што се случи во модуларната болница во Тетово каде се лекуваа ковид-позитивни пациенти. Засега не се знае колку пациенти се лекувале во тетовскиот ковид-центар и што е причината за пожарот. Огнот избувна околу 21 часот и сега веќе е изгаснат.