Потврдени 190 случаи на коронавирусот во Грција, се затвораат сите кафулиња и угостителски објекти

by fokus

Вкупниот број на потврдени случаи на коронавирусот во Грција се зголеми на 190, а по препорака на експертите од Министерството за здравство, се затвораат сите трговски центри, кафулиња, барови, угостителски објекти, освен оние за достава (delivery) и носење (take away), библиотеките, музеите и археолошките локалитети, спортските објекти, салоните за убавина, јави дописничката на МИА од Атина.

Претставникот за коронавирусот при Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас, на прес-конференција денеска ги соопшти новите податоци, како и новите мерки за да се намали ширењето на вирусот.

Од вчера, кога вкупниот број на позитивни случаи изнесуваше 117, за еден ден се зголеми за 73 и достигна 190.

Циодрас објасни дека за 36 случаи се води истрага, за 11 не постои јасна епидемиолошка или патувачка поврзаност со друг случај.

Хоспитализирани се 47 пациенити, а пет лица се во сериозна состојба, поврзани на апарати.

Досега биле направени над 2.700 анализи, а само во изминатите 48 часа се над илјада.

Во однос на мерките, Циодрас рече дека остануваат отворени супермаркетите, продавниците за храна, аптеките.

Министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас истакна дека се прошируваат превентивните мерки за да нема дополнително ширење.

– Ова е од две причини. Прво, бидејќи во различни делови на земјата се појавија нови случаи, факт што ја зголемува опасноста за пренесување. Второ, бидејќи мерките за ограничување и самоограничување за да ги заштитиме другите и да се заштитиме самите, не се почитуваат. Повторно ќе кажам дека водиме битка, чиј резултат ќе зависи и од тоа колку ќе покажеме индивидуална одговорност и колективна свест, рече Кикиљас.

Поврзани новости