Извонредниот вокал на култната ,,Меморија”, Апостол Икономов Поце, кој им остави музичка ризиница на генерациите со низата на хитови, веќе со години наназад минува низ претежок животен период.
Човекот со детски лик, кој важи за скромна личност, и никогаш не сакал премногу да се експонира во јавност, притиснат од товарот кој го носи со себе, реши јавно да ја раскаже својата приказна. Иако можеби е актуелен митот дека сите оние кои застанале пред рефлекторите на сцената имаат лагоден живот, вистината, барем во случајот на Поце е сосема поинаква. За тоа дека судбината му дала раскошен глас и харизма, а пак од друга страна му нанесила удари, потврдуваат и негови блиски пријатели и колеги.
Пред осум години тој останал без работа, а во тоа време и бендот ,,Меморија” беше во мирување. Но, безработицата не била единствениот предизвик за музичарот. Тешката здравствена дијагноза на неговата сопруга, тумор на мозок, било она кое го изместило неговиот живот од колосек. Рати за кредит за стан, минимална социјална пензија на сопругата, која повеќе не била во состојба да работи, е она со кое се соочил Икономов и членовите на неговото семејство.
За ,,Фокус” Поце потврдува дека изминативе години е соочен со постојана борба. Потенцира дека не сака никаква милостина, туку шанса чесно да заработува и да се грижи за семејството. Живеел од инвалидската пензија на сопругата и помошта која доаѓала од пензиите на неговите родители кои се во своите осумдесетти години, а разговорот со него е разговор со личност која има огромно познавање од сите музички жанрови, па речиси за секоја животна ситуација има некоја анегдота поврзана со големи светски музичари, од Амадеус, до сегашните популарни рок ликови на сцената.
-Оние кои ми се блиски знаат низ што минува моето семејство. На сопругата која се бори со тешка болест и е во кревет, постојано и е потребна помош за да може да функционира. Животот ни донесе непредвидливи ситуации… Не сум човек кој би молел за помош, мислам дека свеста кај институциите треба сама да работи, да се ценат вредностите – вели тој.
Неговите блиски пријатели и колеги пак, велат дека и самите не знаат како може да се дозволи еден квалитетен музичар и познавач на музичката индустрија, колекционер на плочи и сестран човек, да биде оставен сам да се бори во животот, без никаква поткрепа од институциите. Појаснуваат дека одлично би се снашол во улогата на музички уредник во медиум, во телевизија, радио… Потсетуваат дека кога државата делела разни финансиски награди на истакнати уметници, национални пензии и субвенции, сосема го заборавила Икономов, човекот кој зад себе има над 600 концерти, голем број на албуми, хитови кои се обележје на едни минати времиња од нашата музичка историја, а и до денешен ден се актуелни.
-Наместо да купуваше плочи, да ги собираше парите на страна, Поце досега ќе си купеше два стана, на шега вели негов пријател и колега од бендот. Но, Поце, сепак животот го посветил на музиката, а не на трупање на материјални богатства, и враќањето на концертите на ,,Меморија” ги доживеал како еден вид на враќање во живот. Сепак, како што вели, на свои 57 години, со сите предизвици кои му се испречиле, повремените настапи не се доволни за еден среден и мирен живот, без финансиски главоболки, туку му е потребна стабилна работа.
-Не е тој тип на човек кој самиот би се нудел, би барал. После се што направи за нашата музика, зарем тој треба да потсетува на својата вредност? Тоа е работа на институциите, да препознаат кој колку вреди, кој би дал максимум од себе на некоја одредена работна позиција, посебно кога е уметноста во прашање. Пред очите на сите ни тонат значајни културни институции, најмногу поради назначување на несоодветен кадар, а од друга страна, квалитетот кој го имаме останува дома – раскажаа негови колеги.
Поце не сака многу да зборува за состојбата со која се носи со крената глава, но не крие дека на некој начин е понижувачки кога луѓе во своите 50-ги години се доведени во состојба да чекаат од пензиите на своите родители, кои пак се веќе во 80-те години.
-Лошо е сето тоа. Да се има финансиска стабилност е од непроценливо значење за секој, посебно кога ќе дојдат вакви времиња. Нормално дека ми се потребни редовни примања, со цел да се грижам за семејството како што треба, посебно поради состојбата со мојата сопруга која на свои 55 години се бори со тешката болест- вели музичарот.
И без оглед на тоа што тој не сака отворено да моли да добие шанса да се покаже на работно место кое би одговарало не неговите способности и квалификации, посебно од областа на музиката, се наметнува прашањето што прават институциите кога се луѓе од ваков калибар, во една ваква незавидна ситуација во прашање.
Во време кога се даваат милиони евра државни пари за најразлични проекти од областа на културата и музичката уметност, а од друга страна постојано се слушаат критики дека немаме квалитет на сцената, ќе остане ли Икономов „Оган од ѕвездите“ или пак неговата ѕвезда ќе згасне, покриена од тешкото секојдневие и од непрепознавањето на потенцијалот.
Вики Клинчарова