Потрошија четири милиони денари за реконструкција на пат, денес го гребат новиот асфалт

by Fokus

Ако пред само три месеци од Општина Кавадарци се пофалија дека потрошиле четири милиони денари за реконструкција на делницата од локалниот пат село Возарци – брана ХЕЦ Тиквеш, и како сите кои го користат патот ќе почувствуваат придобивка од неговата ревитализација, денес информираат дека поради недоследности во квалитетот, се гребе слој од новиот асфалт.

,,Гребењето се врши од страна на фирмата изведувач на реконструкцијата, а врз основа на извршената ревизија од страна на надзорот. Надзорот на овој проект го вршат овластени стручни лица од ЕУ како инвеститор преку Светска банка и претставници на Општина Кавадарци. При извршениот надзор, се забележани недоследности во бараниот квалитет, при што е констатирано дека изведувачат поставил несоодветна подлога која отстапува од договорните обврски во делот на дебелината на асфалтната подлога. Затоа надзорот поднесе барање до изведувачот, во законски определен рок и на сопствена штета да изврши санација на нотираните пропусти како би ја довел фактичката ситуација согласно одредбите од договорот помеѓу нарачателот и изведувачот на работите’’ – информираат од Службата за односи со јавност при Општина Кавадарци.

Во месец јули годинава, од Општината соопштија дека коловозната лента со 5,5 метри широчина била тампонирана и подготвена за асфалтирање. Асфалтната подлога со дебелина од 7 сантиметри се поставувала на површина од 4.600 метри квадратни. Потенцираа дека реконструкцијата на локалниот пат ќе има големо значење за развој на алтернативниот, планинскиот и езерскиот туризам.

Четирите милиони денари за реконструкција биле обезбедени согласно договорите за заем и договорот за ИПА грант од Европската Комисија помеѓу Меѓународната банка за обнова и развој и Република Македонија претставувана од Министерството за финансии и Општина Кавадарци.

Вики Клинчарова

Поврзани новости