Потресни сведоштва од несреќата во Ниш: Ја избришав крвта со снег и ја побарав мајка ми, насекаде имаше делови од човечки тела

by fokus

Фото: Pink.rs

Медиумите во Србија се преплавени со сведоштва од страотната несреќа која се случи вчера во Ниш, во која загинаа пет лица, меѓу кои две малолетни, а 27 лица беа повредени. Двајца 16-годишници се уште се борат за живот и се во критична состојба.

Околу 7.30 часот воз налета на градскиот автобус „Ниш експрес“, во кој поголем број на деца од околните села се превезуваа до училиште.

Како што пишуваат српските медиумите до несреќата дошло на самиот премин каде нема рампа, а од силината на возот, автобусот буквално се поделил на половина. Откако го удрил, возот го влечел автобусот уште десетина метри додека краевите на автобусот не удриле во бандерите на левата и на десната страна.

Според неофицијални извори возачот се обидел да ги премине шините во трета брзина, но не успеал поради благата угорнина.

-Ништо не навестуваше некаква несреќа. После тоа кружеа информации дека возачот на автобусот има слушалки на ушите, но не знам за тоа. Можеше да застане, на овој дел има чистинка, возот се гледа на повеќе од километар одалеченост, а он продолжи право. Требаше да застане и да погледне, но не го направи тоа – вели 16-годишниот Петар Јанковиќ, чија мајка почина во несреќата.

Медиумите ги обиколи фотографијата од него и неговиот татко прегрнати во моментот кога таткото му соопштува на синот дека мајка му, 42-годишната Наташа е почината.

Петар раскажува дека патниците му довикувале на возачот дека доаѓа воз, но било предоцна.

-Дури откако се искачи на преминот возачот погледна десно. Луѓето извикува дека иде воз, па погледна лево и го виде. Мислеше дека ќе успее да го избегне и да ги спаси луѓето, но возот беше побрз и удри во автобусот точно на средина. Оној што беше на средина почина на лице место. Јас останав во автобусот, не паднав надвор. Го скршив стаклото за да излезам, лицето ми беше крваво, но од крвта на другите патници – раскажува 16-годишникот.

Лицето го избришал со снег и почнал да ја бара својата мајка.

-Колешката на мајка ми почина на самото место, додека мама ја видов под шините. Даваше знаци на живот, но имаше многу повреди на себе. Околу неа беа делови од телата на луѓе кои беа расечени на пола.. нозе, раце..  – вели тој.

Неговата мајка починала на операциона маса, додека Петар поминал со лесни гребаници.

Сведочејќи за несреќата, лекар од Итната медицинска помош, вели дека најтешко му било кога извлекувал жена која била заглавена под автобусот.

-Несреќната жена беше заробена. Кога почнав да ја извлекувам, сфатив дека извлекувам само половина од нејзиното тело, а другата половина остана заробена под автобусот – вели докторот.

Одговорноста за несреќата допрва ќе се утврдува. Возачот се наоѓа во вештачки предизвикана кома, има сериозни повреди на главата, градниот кош и стомакот.

Поврзани новости