Потресна исповед на братот на убиената жена од Кавадарци: Поради болна љубомора ја уби пред детето!

by Fokus

Денес на градските гробишта во Есен, Германија, беше погребана Ванеса П. од Кавадарци. Несреќната жена, инаку мајка на седум деца од кои најмалиот син има само осум години, се најде на страниците на германските медиуми, откако минатиот четврток, пред очите на најмалиот син беше свирепо убиена од страна на нејзиниот сопруг и татко на нејзините деца.

Избодена со нож и оставена да искрвави до смрт, 41-годишната Ванеса е само уште една жртва на фемицид.
По нејзиниот сопруг, 47-годишен маж, по потекло од Скопје, првин била распишана потерница, но потоа без пружање на отпор се предал на полицијата и се наоѓа во притвор.

Околу тоа што и претходело на трагедијата и на незапамтениот злостор, за ,,Фокус” раскажува братот на Ванеса, Бесим Алија. Целото семејство е длабоко потресено и бара правда за невината жртва.

-Пред девет години сестра ми со семејството се пресели во Германија, во потрага по подобар живот. Но, бракот и беше пекол. Тој беше премногу љубоморен, постојано ја контролираше, не ја пушташе да оди ниту во маркет.

Не и дозволуваше да зборува со фамилијата, таа не смееше да дојде ниту кај мене. Постојано трпеше закани, и се закануваше дека ако дојде кај мене, ќе ме убие мене и ќе ги убие моите деца!

Само за да нема проблеми со него, таа ме блокираше мене и сите роднини на телефон, но на крај сепак заврши на еден таков свиреп начин, усмртена пред очите на синот- раскажува братот.

Вели дека Ванеса пет-шест пати се охрабрила и го пријавила сопругот поради насилно однесување во полиција, но на крај сепак ја повлекувала пријавата. По секое пријавување тој уште повеќе се заканувал, па таа се повлекувала во страв.

-Сега останаа седум деца без мајка, без родителска грижа. Сите деца се заедно, полнолетните се грижат за помалите, не знаеме како ќе биде, потребна им е поддршка и конкртена помош. Ова е огромна траума за нив!

Доколку има хумани граѓани кои се во можност да помогнат, можат да донираат на сметката на најстариот син на Ванеса, кој е полнолетен, во Шпаркасе Банка, на име Кенеди Пајазити, DE80 3605 0105 0002 6665 35.

Потребна ни е помош и при отворање на сметка на страницата Gofoundme, доколку некој може да помогне, ќе бидеме благодарни, нека ме контактираат на социјалните мрежи.

Наместо подобар живот во Германија, како што се надевавме, ни се случи незапамтена трагедија-скршен од болка раскажува братот.

Семејното насилство кое неретко завршува со фемицид е децениски проблем, и само од 2019 година досега, регистрирани се над 20 такви случаи во земјава. Министерството за труд и социјална политика спроведе кампања ,,Гласна и храбра” со цел да ги поттикне жените да пријавуваат семејно насилство, бидејќи со премолчување уште повеќе им се дава поттик на насилниците.
Поради страв од насилникот, недоверба во институциите и финансиска зависност, илјадници жени молчат и семејното насилство им е секојдневие кое неретко завршува со фемицид.

Вики Клинчарова

Поврзани новости