Потресен апел на мајка од Скопје која ја бара својата ќерка: Можеби сме се сретнале низ град, можеби патиштата ни се вкрстиле, а не ни знаеме!

by Fokus

Се почести и погласни се апелите на биолошки родители кои ги дале своите деца на посвојување, но и на посвоени деца, кои трагаат по своето потекло, и алармираат дека се потребни законски измени бидејќи секој има право да си ги знае корените. Се бараат податоци за потекло поради неинформираност за наследни болести, генетика, но и поради страв од инцест, бидејќи Македонија е мала земја и патиштата на блиски роднини може многу често да се вкрстат.

„Фокус“ пренесува уште една од низата приказни на мајка која е во потрага по својата ќерка, и во немоќ откако со децении не можела да дојде до одговори, таа решила јавно да се обрати и да бара помош. Вели дека се надева како некој нешто ќе знае, ќе препознае некој детал, па ќе помогне во исполнување на нејзината животна цел- да ја најде ќерката која пред речиси 40 години ја дала на посвојување.

Нашата соговорничка има 62 години и е од Скопје. Раскажува дека кога имала 22 години останала бремена, а нејзиниот партнер бил од Нови Сад. Поради разни притисоци, но и неприфаќање од страна на нејзините родители, била принудена да го даде бебето на посвојување.

-Се породив во Државна болница во Скопје во 15 часот и 15 минути на 16-ти мај 1984 година. Родив преубаво девојче, бело, со плави очи и црна косичка, тешко 3.250 грама, долго 52 сантиметри. Три дена поминав во болницата, а мојата ќерка на која и го дадов името Елена беше однесена во Мајчин Дом.

Тоа беше еден навистина тежок период, бев во една безизлезна ситуација, а и времињата беа други. Набргу потоа, моја сосетка која работеше во Мајчин Дом ми кажа дека Елена е многу убаво бебе, дека вработените добро се грижат за неа.

Кога точно е посвоена, не знам, бидејќи не можев да добијам никаква информација за неа. Немам ниту нејзин извод, сите документи ги дадов во социјалната служба, бев млада и наивна, не се сетив ниту да направам фотокопија…

Мојата потрага по Елена, за која не знам ниту дали сега го носи истото име, започна речиси веднаш откако ја дадов на посвојување. Ме влечеше таа мајчинска љубов, тој инстинкт, па започнав насекаде да се распрашувам. Поради законите, до информации тешко се доаѓа, но не се помирив и си ветив дека додека сум жива морам да ја најдам, да ја видам, да и објаснам, па ако сака да ме сфати. Не се плашам од јавна осуда, секој најдобро си знае што го тишти во животот – вели Е.И. (идентитетот е познат на нашата редакција).

Поминале многу години, таа стапила во брак со човек кој имал големо разбирање и му ја раскажала целата приказна за Елена. Сопругот ја поддржувал во намерата да ја најде својата ќерка, но секој траг кој го добиле во годините наназад ги однел до слепа улица, не можеле да го најдат девојчето. Таа немала други деца, одреден период живеела и во странство, и вели дека е благодарна што сопругот и е голема поддршка.

-Пред да ја дадам ќерката на посвојување со мене повеќе пати разговараше социјална работничка по име Јагодинка Арсовска. Ме убедуваше дека така ќе биде најдобро за сите, дека девојчето ќе добие семејство и ќе има добар живот, дека јас сум млада и животот е пред мене.

Верував дека Јагодинка знае каде е посвоена ќерка ми, се обидував да ја најдам, но безуспешно, не знам ниту дали жената денес е жива. Но, затоа пак, нејзина пријателка која живееше во моја близина, а работеше во кујната во Државна болница, уште пред повеќе години ми кажа дека ќерка ми е посвоена од семејство кое живее во Бардовци. Баравме и таму, на многу врати тропнавме, тоа се трауматични искуства. Елена не ја најдовме…

Почина жената која ми кажа дека ќерка ми наводно е во Бардовци, а јас како последна надеж, му се обратив на син и и го замолив да ми каже доколку нешто знае.
Тој отпрвин се двоумеше, а потоа ми откри дека ќерка ми била посвоена од семејство кое живее кај Градски ѕид, кај ,,Малага”. Не знам колку пати поминав од таму, во надеж дека ќе ја сретнам и препознаам… Од кажаното, таткото-посвоител бил јавна личност, познат човек во Скопје.
Не барам ништо, само барам разбирање, сакам да ја видам – вели мајката.

Раскажува дека биолошкиот татко бил висок човек, носел наочари за вид, имал смеѓа коса. Си заминал во родниот крај и не прашал ништо за бебето, дали се родило, каде и како живее, и си оформил свое семејство.

И таа е природно смеѓа, но не е многу висока жена. Појаснува дека често си помислува како изледа нејзината ќерка, на кого личи, дали можеби некогаш ја сретнала низ град, дали можеби без да знаат им се вкрстиле патиштата на некој начин, бидејќи Македонија е мала земја.

-Тоа ме тишти постојано. Дали некогаш сме се разминале низ град, дали сме се погледнале, дали таа живее во моја близина? Пред некоја година дознав дека комшии на мои роднини имаат посвоено девојче, инстиктивно прашував која година е родено, кога дознав дека станува збор за 1984 година, срцето ми затрепери, ми се роди надеж. Но, не стануваше збор за моето дете. Животот ми мина во една постојана потрага, со неодговорени прашања, со копнеж по моето девојче – вели Е.И.

Освен што мајчинската љубов ја водела во потрагата по ќерката, вели дека сака да и каже и детали за нивните семејни болести, бидејќи со ист сериозен здравствен проблем се соочувала таа, како и нејзините сестри – тетки на ќерката.

Посочува дека тоа е една од посебните причини поради кои мора да се направат измени во законите, затоа што посвоените деца имаат право да знаат навремено за наследните болести и за здравствените предизвици со кои евентуално можат да се соочат во животот.

-Генетиката не е едноставна работа, посвоените деца имаат апсолутно право да си го знаат потеклото, да знаат за наследните болести во биолошкото семејство, но да не се занемарува и опасноста од инцест, на блиски роднини можат да им се вкрстат животните патишта. Сакам да ја информирам ќерка ми за семејни здравствени проблеми, и верувам дека речиси на сите посвоени деца или посвојувачи тоа прашање, околу евентуални наследни болести некогаш им минало низ глава.

Само да ја најдам, да ја видам, па да ми олесни овој товар кој предолго го носам. Ако не сака да ме сослуша, ако не сака да има контакт со мене, ќе го почитувам тоа.
Се надевам дека некој од читателите на ,,Фокус” нешто знае за мојата ќерка, дека ќе се осмели да ми каже. Благодарна ќе бидам на сите кои ќе имаат разбирање, и длабоко во себе верувам дека ќе го најдам моето дете – раскажа таа.

Во изминатите години неколку посвоени деца јавно преку „Фокус“ се обидоа да си го најдат билошкото семејство. Во три случаи дојдоа до одговорите за многу кратко време, со помош на роднини и пријатели кои според објавените детали ја препознале сличноста. Две мајки одбија да се сретнат со своите биолошки деца, бидејќи во меѓувреме оформиле семејство, а брачниот партнер не знаел дека во минатото родиле дете.

Една од девојките која трагаше по родителите, а беше одбиена од мајката за средба, сепак се запозна со биолошкиот татко и со други роднини и останале во контакт.
Друга млада жена пак, ја најде мајката и останала во контакт со неа и со своите полусестри и браќа.

Доколку некој има информација за случајот, може да се обрати на електронската адреса на „Фокус“ или пак на телефонскиот број на нашата редакција објавен на сајтот. Добиените информации ќе и бидат пренесени на мајката.

Вики Клинчарова

 

 

 

Поврзани новости