Потребни се искусни луѓе за реализација на проекти, како и привлекување меѓународни фондови

Еко-фондот на Црна Гора за "Фокус"

by Fokus

Еко-фондот – Фонд за заштита на животна средина во Црна Гора своите активности ги врши во соработка со органите на државната управа, локалните самоуправи, стручните и научните институции и граѓанскиот сектор. Еко-фондот ги применува принципите на транспарентност и јавност, објективност и отчетност во одлучувањето и примената на признатите стандарди за добра практика истакнува Лидија Шкатариќ, раководител на службата за проекти на енергетска ефикасност и ОИЕ во Еко-фондот на Црна Гора.

Таа за македонската јавност го споделува своето експертско искуство и секако функционирањето на овој фонд.

ФОКУС: ШТО Е ЗАДАЧАТА НА ЕКО-ФОНДОТ?

Лидија Шкатариќ: Преку своите активности, задачата на Еко-Фондот е да обезбеди финансиски средства за реализација на проекти, програми и активности насочени кон постигнување систематско и сеопфатно зачувување на квалитетот на сите еколошки компоненти, биодиверзитетот, рационално користење на природните ресурси и енергијата како основни услови за одржлив развој. Главната цел е остварување на основното право на граѓаните на чиста и здрава животна средина. Со кофинансирање на проекти и програми за заштита на животната средина, климата и енергетската ефикасност, Еко-фондот ќе стане еден од двигателите на посилен економски и инфраструктурен развој на Црна Гора, со транспарентност и ефикасност во процедурите за обезбедување, управување и користење на средствата.

Според неа Еко-Фондот се стреми да стане препознатлив субјект, кој со финансиска и техничка поддршка ќе придонесе за постигнување на целите за одржлив развој, како и други релевантни домашни и меѓународни документи од областа на заштитата на животната средина. Во Еко-Фондот работи квалитетен и стручен кадар кој е клучна алатка за успешно функционирање на фондот.

ФОКУС: КОГА Е ОСНОВАН ЕКО-ФОНДОТ?

Лидија Шкатариќ: Владата на Црна Гора на седницата на 22 ноември 2018 година донесе Одлука за основање на Фонд за заштита на животната средина (Еко-Фонд). Со одлуката се дефинираат: статусот на Еко-фондот (како друштво со ограничена одговорност). Фондот за заштита на животната средина е формиран врз основа на Законот за животна средина со цел собирање и распределба на средства за заштита, зачувување, одржливо користење и подобрување на животната средина во Црна Гора.

ФОКУС: КАКО ФУНКЦИОНИРА ЕКО-ФОНДОТ ВО ЦРНА ГОРА?

Лидија Шкатариќ: Средствата од еко-фондовите се доделуваат на корисниците заради кофинансирање проекти, програми и слични активности, во согласност со Статутот. Корисници на средствата од Еко-фонд можат да бидат: компании и други правни и физички лица регистрирани согласно закон, локалната самоуправа, органите на државната управа и други независни правни лица финансирани од државниот буџет, невладини организации и физички лица. Средствата од еко-фондовите се доделуваат на корисниците во вид на: грантови, субвенции, заеми, донации и помош, а се доделуваат врз основа на јавен конкурс објавен од Еко-фондот.

Доделувањето субвенции или грантови е атрактивна стимулативна мерка за стопанството, јавниот сектор и домаќинствата да финансираат активности или проекти кои резултираат со мерливи индикатори кои позитивно влијаат на заштитата на животната средина, поттикнуваат енергетска ефикасност и користење на обновливи извори на енергија, а од друга имаат позитивно влијание врз подигање на квалитетот на животниот стандард и постигнување економски придобивки за корисниците на средствата. Субвенциите може да се однесуваат на субвенционирање на каматната стапка на кредитите од деловните банки и на инвестиции. Предмет на субвенцијата може да бидат и инвестиции во материјални (градежни објекти, опрема, уреди и ситен инвентар) и нематеријални средства (развој на производи или услуги, патенти, лиценци, франшизи…).

ФОКУС: КАКО СЕ ФИНАНСИРА ЕКО ФОНДОТ?

Лидија Шкатариќ: Средствата за финансирање на Еко-фондот се обезбедуваат од: буџет на Црна Гора; средства за еко-компензација; заеми, донации и помош; инструменти, програми и фондови на Европската унија, Обединетите нации и меѓународните организации; странски инвестиции наменети за заштита на животната средина и други извори во согласност со закон. Досега Еко-Фондот имал средства добиени по годишни надоместоци или решенија издадени од Агенцијата за заштита на животната средина.

ФОКУС: ЗА ШТО СЕ КОРИСТАТ ДОБИЕНИТЕ СРЕДСТВА?

Лидија Шкатариќ: Генерално фондот има широк дијапазон на финансирање на проекти, од заштита, зачувување и подобрување на квалитетот на животната средина и климата, природата, воздухот, водата, морето, земјиштето, шумите и геолошките ресурси до поттикнување на одржливо користење на природните ресурси и поттикнување на нискојаглероден туризам и пропратни области.

ФОКУС: КОИ СЕ ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ЕКО ФОНДОТ ЗА 2022?

Лидија Шкатариќ: Основна цел и предизвик на Еко-фондот во 2022 година ќе биде првенствено остварување на планираните приходи за реализација на договорените проекти и завршување на веќе започнатите, а посебно внимание ќе се посвети на следење на навремената наплата на приходите.

Eвидентно е дека Еко-фондот ќе има ограничени финансиски средства на следниот среден рок, па затоа ќе биде исклучително важно во 2022 година да се привлечат меѓународни фондови и воспоставување билатерална соработка.

ФОКУС: ДАЛИ ЕКО ФОНДОТ ДОСЕГА РЕАЛИЗИРАШЕ ЕКО ПРОЕКТИ?

Лидија Шкатариќ: Во текот на 2021 година, Еко-фондот учествуваше во реализација на четири проекти од областа на енергетската ефикасност, од кои три проекти се однесуваа на користење на обновливи извори на енергија и примена на нови технологии, е-мобилност и заштитата на животната средина.

ФОКУС: ШТО БИ ЈА ПОСОВЕТУВАЛЕ МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА И ОРГАНИЗАЦИИТЕ ПРЕД ДА ГО ОСНОВААТ ЕКО ФОНДОТ?

Лидија Шкатариќ: Обезбедете соодветен административен капацитет со одредено знаење и искуство во работењето на реализација и реализација на проекти, како и привлекување меѓународни фондови.

Во моментов македонскиот Центар за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ преку јавна кампања апелира за воспоставување на Фонд за животна средина во Македонија, а со тоа посочува до Владата за неопходност за формирање на Фондот преку проектот „Зајакнување на улогата на граѓанските организации во донесувањето на одлуки за застапување Фонд за животна средина“, финансиски поддржан од ГЕФ ПМГ – програма за мали грантови во РСМ.

 

С.Т.

Поврзани новости