Според премиерот Христијан Мицкоски треба да се интервенира во методологијата за пресметка на минималната потрошувачка кошничка. Вели дека во нејзината подготовка треба да бидат вклучени сите засегнати страни.
Тој нагласи дека некои производи во сегашната минимална кошничка му се чудни, додавајќи дека не е логично во неа да има цигари и оти тој во јануари не пробал цреши, праски, дињи или лубеница.
„За време на вчерашниот состанок на Економско-социјалниот совет беа присутни повеќе претставници од повеќе синдикати и од работодавачите. Владата е фасилитатор во тој процес и гледате дека не се криеме, сакаме да бидеме транспарентни и да одговараме на сите прашања. Ја добив таа методологија и ја читав. Забележав таму многу работи и ми делуваа многу чудно. Јас во месец јануари дел од тие производи не ги пробав, како што се диња, лубеница, грозје, цреши, кајсии, праски, не испив 250 грама лименка нескафе, не пушам цигари, а таму се вклучени цигарите. Малку е нелогично да има цигари во минимална кошничка“, рече Мицкоски.
За таа цел, смета дека треба да има интервенција во методологијата на минималната кошничка, врз основа на објективни параметри, со земање предвид на поскромни цени, а не со тие во поексклузивните супермаркети.