Пожарите кои ја зафатија планината Серта оставија катастрофални последици по живиот свет во Македонската степа (пустина).
Малите животински видови, како што се влечугите и инсектите, се целосно уништени, додека поголемите животни, како што се птиците и дивечот, беа принудени да ја напуштат својата природна средина и да се преселат во околината.
Со ова е нарушен синџирот на исхрана на Серта, за ,,Фокус” појаснува дипломираниот инженер, биологот Сашко Тодоров, претседател на здружението Ековита.
На Серта гори веќе девет дена, а според биологот, тешко ќе оди враќањето на живиот свет на опожарените површини и тоа ќе биде долгогодишен процес.
-На опожарените површини многу тешко ќе се врати живиот свет. Потребна е повеќегодишна рехабилитација на просторот за да се создадат услови за враќање на растителниот и животинскиот свет. Без овој процес на обнова, постои ризик од трајни штети на локалниот екосистем, вели биологот.
Околу штетата нанесена на растителниот свет, ги спомнува осумте еднемични видови кои биле застапени на Серта, и чие губење е удар врз локалниот екосистем.
-Пожарот нанесе голема штета и на ендемичните видови. Во Македонската степа (пустиња), истражувањата покажуваат присуство на осум македонски растителни ендемични видови, вклучувајќи ги: Hedysarum macedonicum, Astrogalus cernjavskii, Tulipa mariannae, Onobrychis megalophylla, Ferulago macedonica, Heptaptera macedonica, Salvia jurisicii и Potentilla tridentula.
Овие растителни видови се од исклучителна важност за биодиверзитетот на регионот и нивното губење претставува значителен удар за локалниот екосистем.
Ековита следната година ќе направи мониторинг на состојбата на биодиверзитетот на ова подрачје и ќе преземе активности за поддршка на рехабилитацијата на погодените области. Соработуваме со експерти и институции за да обезбедиме најдобри практики и методи за обнова на оваа значајна природна средина, истакнаа од здружението.
Вики Клинчарова