Најмалку 200.000 странски војници се потребни за да може да се спроведе каков било мировен план помеѓу Русија и Украина, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски во Давос.
Тој рече дека европските лидери не би требало да се прашуваат себеси што би направил Доналд Трамп следно, туку мора да преземат колективни чекори за да се одбрани континентот од можна руска агресија.
„Европа мора да се постави како силен, глобален играч, како незаменлив играч. Да не заборавиме дека нема океан меѓу европските држави и Русија. Европските лидери би требало да бидат свесни дека борбите со севернокорејските војници се водат географски поблиску до Давос отколку до Пјонгјанг“, рече Зеленски.
Тој изнесе детали како би функционирала меѓународна миротворна операција ако се постигне договор помеѓу Русија и Украина.
„Најмалку 200.000 војници. Тоа е минимумот, помалку од тоа е ништо“, додаде украинскиот претседател, отфрлајќи го барањето на Кремљ украиннската војска да се намали на само една петина од сегашните 800.000 војници.
Трамп вети дека брзо ќе ја реши војната откако ќе дојде на власт, но по инаугурацијата само кажа дека Путин би требало да склучи договор.
Зеленски нагласи дека секој договор за примирје треба да вклучи и западни безбедносни гаранции. Смета дека најдобрата гаранција е членство во НАТО, но на тоа се противат Германија, САД, Унгарија и Словачка.