На Тиквешко Езеро во Кавадарци во изминатиов период граѓаните забележале штрк на кој му е потребна помош.
Имено, според луѓето кои имаат викендички на езерото и често престојуваат таму, веќе еден месец покрај брегот се движел штрк на чија нога се закачила мрежа за ловење на риба, и не можел да лета високо.
Апелираат доколку има стручни лица или некое здружение кое може да и помогне на птицата, да се јави побргу, бидејќи се ближело времето кога штрковите одлетуваат во топлите краеви и стравуваат дека тиквешкиот штрк не би можел да го издржи долгиот пат со заплетканата мрежа во која се закачил бутрак и станала доста тешка.
Летањето поради товарот на ногата му било доста отежнато, па најчесто шетал покрај брегот и така се хранел. Апелот за помош на штркот го сподели и Аними Реино, здружение за заштита на животните од Кавадарци. Луѓето кои секојдневно го гледале штркот покрај езерото бараат совет од орнитолог или друго стручно лице, со цел да му се помогне пред да дојде времето за заминување на југ.
Лицата кои имаат конкретен предлог како би можело да му се помогне на штркот или пак кои се во состојба да отидат на Тиквешко Езеро и да го ослободат од мрежата, може да го контактираат здружението Аними Реино на нивната официјална страница на социјалната мрежа Фејсбук.
Вики Клинчарова