Филип не можеше да има нормален живот како сите други деца, да игра на улица, да се шета… Не смееше ниту да се бања во езеро, во базен, поради опасноста од инфекции. Многу му беше тешко да го поднесе тоа, да не биде како и другите деца, да не ги доживее сите тие игри и случки од детството кои неговите врсници ги доживуваа. Животот му мина со дијализи – вака ја започнува својата потресна приказна Виолета Петрушевска, мајка на 22 годишниот Филип од Скопје.
Таа вели дека животот им станал секојдневна борба со болеста на синот уште во времето кога тој имал едвај шест години. Зад себе имал една трансплантација на бубрег, а втората од која зависел неговиот живот била неизвесна, бидејќи сеуште ги немале собрано потребните средства за интервенцијата, 24 илјади евра.
-Филип беше слабо дете, не јадеше многу, не растеше… Имаше шест години кога започна се. Отидовме на клиника и докторите првин се сомневаа дека се работи за некое хормонско пореметување. По сите анализи, откривме дека се работи за бубрежна болест. Со лекарства цели шест години се обидувавме да ја држиме болеста под контрола, но на негови 12 години состојбата му се влоши и му откажаа двата бубрега. Го ставија на перитонална дијализа, која ја правев јас дома. Му вградија катетар на стомакот и преку него го прочистував на секои четири часа, скоро две години. Тоа време беше доста тешко за Филип, но и за мене. Правевме преврски, не смееше да се бања, само се тушираше, целиот живот му се вртеше околу дијализата. Единствен спас ни беше трансплантацијата – раскажува Петрушевска.
Таа и таткото на Филип започнале со потребните испитувања и се докажало дека таткото може да биде донатор.
-Со испитувањата се беше во ред и планиравме да заминеме во Анкара, Турција, на трансплантација. Но, беше одлучено трансплантацијата да се направи во Македонија, за да може во иднина и други пациенти овде да се оперираат. Нашиот доктор на детска клиника заедно со двајца лекари од Турција ја направи трансплантацијата која беше успешна, се беше добро сработено. Филип тогаш имаше 14 години. До денес, поминаа осум и пол години од интервенцијата, но пред три години повторно почна да му откажува бубрегот. Започнаа компликациите, па помала доза на лекарства, па поголема, и се се искомплицира, се префрливме на возрасни… Докторот направи се за да може да се сочува бубрегот. Но, Филип не можеше да издржи, го изгуби апетитот, започнаа инфекциите, по два – три месеци лежи на клиника, примаше крв, немаше сила ништо да работи, паѓаше во депресија – раскажува мајката.
Вели дека сега тој има вградено катетар на ногата, и се одржува во живот со помош на хемодијализата, додека да се соберат средствата и додека да замине на нова трансплантација.
-Анализите од испитувањата ги испративме во Турција, од каде ни рекоа да почекаме донатор и ни испратија фактура, колку би чинела целата операција. И јас треба да бидам донатор со вкрстување, односно размена. Ние ја немаме потребната сума на пари кои ни се неопходни, а во секој момент може да ни се јават и да треба да заминеме на трансплантација. На сите ни е многу тешко, посебно на син ми. Тој сака да се дружи, да излегува со другари, но не може ништо од тоа. Постојано е на клиника. Јас го придружувам, бидејќи ништо не може сам. Неговата младост беше многу тешка, постојано проблеми, болници, нередовно школување до првата операција. Потоа се запиша во средно училиште, го заврши, но остана без работа, бидејќи повторно му се загрози здравјето. И сега, моментално е на хемодијализа, која не ја поднесува најдобро. Сакаме нормален живот за нашето дете, и затоа сме принудени да бараме донации од хуманите граѓани, за да може тој повторно да добие шанса за нормален живот – вели Петрушевска.
И Филип со кратка порака преку „Фокус“ се обрати до јавноста:
-Јавно ги замолувам сите граѓани, кој колку може да ми помогне да соберам приходи за повторна трансплантација, да имам нов живот, како и сите останати граѓани, ви благодарам – гласи неговата порака.
Шансата за живот на Филип сега зависи од хуманоста на народот. Сите кои се во можност да му помогнат, можат да донираат на следната жиро сметка:
500 600018595285 Стопанска банка АД Битола, Виолета Петрушевска, со назнака донација, или на следниот телефонски број:
070 143 402
Вики Клинчарова