Потребна е финансиска помош за децата на Ванеса од Кавадарци, која беше убиена во Германија

by Fokus

Седум деца остави зад себе кавадарчанката Ванеса Пајазити, која пред две недели во германскиот град Есен беше до смрт избодена од страна на нејзиниот сопруг.

Две од децата на 41-годишната жена се малолетни, на возраст од 8 и 16 години, додека пак останатите се полнолетни.

Сега, по трагедијата која се најде во сите германски медиуми, децата биле згрижени во домот на мајката на сопругата на еден од синовите на Ванеса.

Оставени без примања, се уште во шок од убиството на нивната мајка, нивниот брат Кенеди, кој е полнолетен, појаснува дека им е потребна финансиска помош. Вели дека хуманите граѓани кои се во можност да помогнат, можат да донираат на неговата сметка, со цел ова семејство да се обиде да застане на свои нозе, но и децата да останат заедно, да не бидат разделени.

Тие во близина имаат и други блиски роднини по потекло од Кавадарци, кои за ,,Фокус” појаснуваат дека целта им е децата да останат заедно, бидејќи тоа е од најдобар интерес за сите, посебно по огромната загуба.

– Доаѓаа луѓе од социјалните центри и разговараа со децата на Ванеса. Уште не е дефинитвно, но најверојатно тие ќе бидат сместени во социјален стан или куќа. Потребна им е финансиска помош, да се средат, бидејќи се оставени без ништо. Пред да се случи трагедијата, семејството живееше од социјална помош, значи нема заштеда. Нам, како нивни роднини, најважно ни е децата да останат заедно, да не бидат разделени и сместени во институција помалите. Овде сме за нив, во секое време ја имаат нашата поддршка, но факт е дека сите имаме животни трошоци и неопходна е помош – вели близок роднина на семејството.

Како што раскажуваат блиските на Ванеса, фамилијата и пред околу 21 година доживеала голема трагедија, кога починал синот на Ванеса, кој во тој период имал околу една година. Тогаш живееле во Скопје, а детето починало од студ. Никој не бил официјално обвинет за настанот.

Семејството не крие дека имале тежок живот, и токму тоа била причината да ја побараат својата среќа во Германија пред девет години. Но, иако дошле во развиена земја каде се нудат можности за напредок, сепак останале да живеат од социјална помош, бидејќи таткото не работел, а Ванеса времето го минувала грижејќи се за децата.

Граѓаните кои се во можност да помогнат, можат да донираат на сметката на синот на Ванеса, Кенеди Пајазити, Sparkasse Essen DE80 3606 0105 0002 6665 35.

Вики Клинчарова

Поврзани новости