По два дена потрага, се уште не е пронајдено телото на дваесет и деветгодишниот Ф.Р. од Никуштак кој влегол да се капе во акумулацијата Глажња и исчезнал.
Нуркачи од Велес и Тетово на Дирекцијата за заштита и спасување, но и три нуркачки тима на САЕ Тигар, вчера цел ден ги пребаруваа водите на Глажња.
Според информациите на Регионалниот центар за управување со кризи, вчера во потрата се вклучила и екипа од пет лица од Косово.
И воден дрон попладнево се очекува да се вклучи во потрагата по 30-годишникот кој исчезна во водите на езерото Глажња.
Вчера на терен беше и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој истакна дека се пребарува до длабочина од 40 метри, но видливоста е преслаба.
-Со специјална опрема влегуваат до 40 метри длабочина во езерото, притоа да напоменам видливоста е многу мала некои 40 сантиметри што дополнително го отежнува нуркањето и пребарувањето на теренот. Воедно, теренот е многу кос и стрмен што исто така дополнително го отежнува пребарувањето – појасни Ангелов.