Северна Македонија е умерено подготвена во сферата на слободата на изразувањето и генерално бележи лимитиран прогрес во однос на претходните препораки на Европската комисија. Генерално има поволна клима за слободата на медиумите и овозможено е критичко медиумско известување, иако беа забележани одредени тензии за време на минатогодишните локални избори.
Економската неизвесност и натаму е предизвик за новинарите и медиумските работници, а фокусот треба да остане на напорите за унапредување на нивните работнички и социјални права.
Ова е оценката, која ја нотираше Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на Северна Македонија во делот на слободата на изразувањето и работењето на медиумите.
Предизвик и натаму остануваат работничките и социјалните права на новинарите и медиумските работници. Нивните права ги застапува, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, а новинарите во јавниот радиодифузен сервис и државната агенција МИА се организирани во посебни синдикати. ЕК нотира дека е потребно подобрување на дијалогот на синдикатите со Владата, со цел да се изнајдат прифатливи решенија за сите прашања, како што се големиот број договори на определено и на половина работно време, без социјално и здравствено осигурување.
Приходите на повеќето медиумски работници се пониски од просечната плата во државата. Често пати се занемаруваат и работничките права, како што е правото на годишен одмор, плаќање на прекувремени часови, ноќни смени или други законски додатоци.
На голем број медиуми им недостига етички кодекс, како и можност за професионално и стручно надградување и кариерен напредок.
Во Извештајот се забележува дека немањето сигурно вработување и тешките социо-економски услови придонесуваат за раст на самоцензурата и овозможува сопствениците на медиумите да влијаат врз уредувачката политика.
– Потребни се натамошни напори за заштита на професионалните и работничките права, на слободата и безбедноста на новинарите, препорача ЕК и напомена дека се потребни дополнителни мерки за промовирање на родовата еднаквост во медиумската индустрија.
Во Извештајот се нагласува и дека слободата на изразување и плуралистичките гледишта продолжиле да напредуваат во генерално поволниот целокупен политички контекст. И покрај ова, медиумските реформи заглавија поради недостиг на политички консензус и промена на фокусот поради пандемијата на Ковид-19.
Властите, според препораките на ЕК, треба да ги зголемат нивните напори за реформирање на јавниот радиодифузен сервис, да ја обезбедат неговата независност, професионалните стандарди и финансиската одржливост. Забележано е дека реформскиот процес на јавниот радиодифузен сервис, во рамки на петгодишната развојна стратегија, е ограничен поради одложувањето на назначување на членови на неговиот Програмски совет, а забелешка е и непополнувањето на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
– Во сила остануваат минатогодишните препораки, а во годината што претстои земјата треба да ја ревидира законската рамка за медиумите согласно Акито на ЕУ и европските стандарди, особено со продолжување на работата за усогласување на националните закони со ревидираната Европска директива за аудиовизуелните медиумски сервиси, нагласува ЕК во Извештајот.
ЕК нотира и дека Владата продолжила да го намалува финансирањето на медиумскиот регулаторот, јавниот радиодифузен сервис и јавното претпријатие за радиодифузија со користење на одредби од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
– Парламентот, исто така, го одложи именувањето на новите членови на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и на Советот на АВМУ, со што покажа отсуството на политички консензус за медиумските реформи, се забележува во Извештајот.
Не се исполнети одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои се утврдува износот на јавното финансирање на јавниот радиодифузен сервис да изнесува еден отсто од државниот буџет во 2021 година. Финансирањето, забележува ЕК, достигнало 0,59 отсто во јули 2022 година. Вкупниот буџет на јавниот сервис во 2021 година изнесувал 13,4 милиони евра, додека во 2022 година изнесува 15 милиони евра.