Централното претседателство на Алтернатива на седница во саботата ги утврди носителите на јавни функции, а како предлог за потпретседател на Собранието се најде името на Хусни Исмаили, поранешен министер за култура и пратеник.
Предлогот на Алтернатива, Исмаили да биде потпретседател на законодавниот дом доаѓа еден месец откако Државната комисија за спречување на корупцијата најави дека ќе му поднесе кривична пријава за злоупотреба на буџетски средства.
Антикорупциска во ноември поведе иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на Исмаили кој беше министер за култура од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година.
Се сомневаат дека извршил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс договори склучени на 24 јули 2020 поврзани со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.
Договорите и анекс договорите, според Антикорупциска, биле склучени во постизборен период по одржани парламентарни избори во услови кога не е формирана новата Влада и во услови кога со ребаланс на буџетот на Министерството му биле намалени финансиските средства за проекти од национален интерес во областа на културата.
Постапката на Исмаили беше отворена во време кога пратениците од Алтернатива беа клучен фактор за тоа кој ќе формира мнозинство во Собранието. Исмаили, тогаш во изјава за Фокус изрази сомнеж за мотивите на антикорупционерите.
-Самото иницирање во овој момент на вакви потези на државна институција доволно зборува за самиот потег. Има слични настапи и на други чинители во оваа држава токму во ова време на политичка неизвесност во државата, рече Исмаили.