Дитмире Шеху, член на предлог на ДУИ и потпретседател на Државната изборна комисија (ДИК) вели дека ниту Владата, ниту Комисијата за заразни болести не ги информираат како ќе се спроведат парламентарните избори среде пандемија на коронавирус и кога не смее да му се ускрати правото на гласање на ниту еден граѓанин, вклучително и на оние кои се во изолација, пренесува СДК.
„Ние немаме ни протокол за изборите. Мора да седнеме со Комисијата за заразни болести, зашто овие избори се поинакви, има голем ризик по здравјето на граѓаните. Дали ќе требаат маски за членовите на избирачките одбори, дистанцата меѓу тие 15 луѓе колкава да биде, гласањето како ќе биде, како ќе гласаат лицата во изолација, дали на истите избирачки места ќе се гласа како досега, …на сите овие прашања треба да добиеме одговор. Зашто ДИК ги организира изборите и утре ние ќе носиме одговорност ако се испозаразат гласачите на избори“, предупредува Шеху.