Од Град Скопје вчера ги соопштија новоназначените в.д. директори на јавни претпријатија, а помеѓу нив се најде и Радмила Пешева, која е потпретседателка и основач на здружението за заштита на животните Анима Мунди.
Од таму ја опишуваат како голем активист за правата на правата на животните, веганка и вдомувач на многу улични животни.
-Радмила Пешева, веганка, активистка за правата на животните, основач и потпретседателка на Анима Мунди, денес од страна на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска е назначена за в.д. директорка на ЈП Лајка. Радмила Пешева е носечки активист за правата на животните од нашето основање во 2009 година, борец кој не се откажува, сопственик/вдомувач на повеќе животни, сите стерилизирани, спасени од улица. Знае дека животните се свесни, интелигентни, чувствителни живи битија, а не комунален смет кој грубо треба да се отстрани; третманот на бездомните животни беше и остана нашата примарна борба- информира здружението.
Од Анима Мунди додаваат дека ова е прв пат да се назначи активист за директор на јавно претпријатие кое е директно одговорно за хуман третман на бездомни кучиња и воспоставување на систем за контрола на нивната популацијата, поради што ѝ се заблагодарувале на довербата на градоначалничката Данела Арсовска.
-Пред сè, ова е огромна одговорност и предизвик, особено во услови на повеќе од ограничени финансиски ресурси и криза. Повеќе нема да должиме, за конкретни чекори ќе бидете информирани наскоро, известија од таму.