Потписот на кумот на Груевски бил фалсификуван при обидот да се сокријат плацевите на Водно?

by fokus

На денешното рочиште за случајот “Плацевите на Водно”, обвинителката Лиле Стефанова презентираше материјални докази, кои расплеткуваат една од тезите на обвинителството според која офшор компнијата “Сирах лимитед” од Белизе специјално била основана за да екс премиерот Никола Груевски тајно си ги купи “пикираните” плацеви на Водно.

Поточно, според обвинителството, преку оваа офшор фирма основана во 2012 година во Белизе, на барање на Груевски, е основана и ќерка фирма во Скопје, “Сирах инженеринг”, која ги купуваат плацевите, вредни 1,3 милиони евра.
Како управител на фирмата, пак, се јавува кумот на Груевски, Ристо Новачевски.

Но кога “бомбите” откриваат дека Груевски е вистинскиот сопственик на градежните парцели, се прави обид за прикривање, па уделот на “Сирах инженеринг” се продава на “Орка Холдинг” на Камчеви.

Обвинителката презентираше неколку договори за продажбата на уделот, прибавени од Централен регистар, Стопанска банка, но и документи пронајдени при претресот во “Орка”. На еден од договорите немаше потпишана втора страна, а недостасуваше и печат, поради што одбраната на Орце Камчев реагираше дека овие докази се неважечки.

Обвинителката пак образложи дека таа ги презентира сите докази кои ги обезбедила и тоа на околност дека при претресот во “Орка” пронајдени се документи за “Сирах инженеринг”, односно неколку договори за пренос на уделот со различна содржина и сума, од договорот кој се наоѓа во Централниот регистар.

Па така, на еден од договорите, освен Камчев како претставник од “Орка”, потпишан е и Новачевски, од страната на “Сирах лимитед”, а утврдената сума е 1,3 милиони евра.
По ова со реакција се јави адвокатот на Новачевски, Сашко Дукоски, кој истакна дека тој договор не го склучил неговиот клиент, односно дека неговиот потпис е фалсификуван, а и истакна дека тој никогаш не го имал кај себе печатот на “Сирах лимитед”, фирмата од Белизе.

Обвинителката додаде дека и таа е на истото гледиште, што всушност укажува на тезата дека Новачевски бил искористен како покритие, а доказите добиени од Белизе укажуваат дека вистинскиот сопственик на компанијата е Ненад Јосифовиќ, вработен во “Орка”, а во медиумите посочуван и како бизнис партнер на Камчев.

На денешното рочиште се презентираа и анкетните листови за имотната состојба на Груевски, како и ревизорските финансиски извештаи на ВМРО-ДПМНЕ.

За овој случај обвинети се екс премиерот Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев, мајка му Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.

Според обвинението, Груевски, од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал, лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра, а со кои си купил земјиште на Водно.

В.В.

Поврзани новости