Премиерот Зоран Заев, за време на денешната сесија на Самитот „Отворен Балкан“ во Тирана, рече дека ова е неговото последно директно учество во оваа иницијатива.
-Имаме успеси, да покажеме резултати дека работната група заврши одлична работа. Имаме очигледни чекори да покажеме, ова ќе биде моето последно директно учество – рече Заев.
Тој истакна дека идниот премиер, Димитар Ковачевски, целосно се согласува со оваа иницијатива и ќе продолжи со работата што ја иницира самиот Заев.
Ковачевски, пак, истакна дека потпишани се договори кои, според него, се влог во иднината, зајакнување на економската соработка и односите меѓу народите на Балканот.
„Компаниите и граѓаните на земјите од регионот добиваат олеснети услови за движење, работа и трговија по примерот на европските земји. Верувам дека оваа иницијатива ќе се проширува, зацврстува и ќе придонесе кон економски стабилен и развиен Балкан“, напиша Ковачевски на фејсбук.
Инаку, на денешниот Самит на иницијативата „Отворен Балкан“ се потпиша договор за условите за слободен пристап до пазарот на трудот, договор за интерконекција за електронска идентификација на граѓаните, договор за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика, договор за признавање на одобренијата за Овластен економски оператор за безбедност и сигурност.