Потпишан договорот за одржување на светско првенство во Македонија: Доаѓаат над 4.500 танчери!

by Fokus

Клубот „Брејк а Лег“ следната година, од 8-ми до 17-ти октомври го организира Светското првенство во хип хоп и стрит денс шоу, што ќе се одржи во Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

Основачот на успешното студио за хип хоп и модерни танци во Македонија „Брејк а Лег“, Трајче Петковски го потпиша договорот за организирање на светското првенство на прес-конференцијата на Светската танцова организација (ИДО) што се одржа во Полска, во присуство на претседателот на ИДО Д-р Велибор Срдич, организаторите Ана Биали и Валдемар Кречко.

Петковски истакна дека повеќе од 4.500 натпреварувачи, од над 30 земји од 5 континенти ќе се натпреваруваат во дисциплините „хип хоп“ и „стрит денс шоу“ во повеќе возрасни категории.

-Светското првенство е одлична можност за промовирање на македонската култура, уметност и традиција, но и потврда дека во Македонија има квалитетни танчери со неверојатни вештини и страст за танц.

Упатувам голема благодарност до Светската танцова организација која искрено го препозна нашиот долгогодишен труд, но и заложба за развивање на модерните танци во земјава.
Горд сум што следната година ќе бидеме организатори на овој важен настан и ветувам дека ќе понудиме одлична програма која ќе го привлече вниманието на љубителите на танцот и на сите граѓани – порача Петковски.

Во своето 15-годишно постоење, „Брејк а Лег“ има освоено бројни награди на меѓународни натпревари. Во 2016 година, беа светски вице шампион, една година подоцна европски шампион и во периодот од 2010 до 2023, и секоја година се финалисти на светското првенство.

Вики Клинчарова

Поврзани новости