Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го потпиша Договорот за соработка во областа на заштита на сведоци меѓу МВР и Меѓународниот кривичен суд, претставуван од Секретарот Питер Луис.
-Ова претставува продолжување на поддршката на Судот во борбата против најтешки форми на кривични дела како што се геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и агресија.
Заштитата на најранливите категории на лица, односно жртвите и сведоците кои сакаат да помогнат во расветлувањето на кривичните дела и во изнесувањето на нивните сторителите пред лицето на правдата е определба на секое демократско општество.
Убеден сум дека, со потпишувањето на овој Договор, Одделението за жртви и сведоци при Меѓународниот кривичен суд ќе ја прошири својата соработка со нашата Единица за заштита на сведоци, ќе ги препознае и применува овие принципи на соработка во оваа исклучително специфична и чувствителна област на полициско работење, напиша Спасовски на фејсбук.