Низ скопските улици до крајот на годинава треба да почнат да сообраќаат новите 35. еко-автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ за кои денеска почна постапката за набавка со потпишување Договор за заем од 10 милиони евра од Европската банка за обнова и развој.
Ќе се набават нископодни, зглобни и моно автобуси, на компримиран гас, кои треба да ги намалат емисите на јаглерод диоксид за најмалку 15 проценти. Во проектот, со сопствени средства во износ од 1,8 милиони евра, учествува ЈСП.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов по потпишувањето на Договорот најави дека со првата набавка на нови автобуси во ЈСП по седум години целосно ќе се замени застарениот возен парк на ова претпријатие.
„Ова е прва набавка на автобуси за Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје после седум години што претставува релативно долг временски период кога е во прашање обновата на возниот парк на ЈСП. Очекувам дека од крајот на оваа, најдоцна почетокот на идната година по скопските улици ќе се возат нови еко автобуси на еколошко гориво, со CNG технологија на компримиран гас со ЕУРО 6 стандард на загадување. Овие автобуси ќе ги исфрлат од употреба старите дотраени дизел автобуси на ЈСП, со ЕУРО 2 стандард, без клима и дополнителна опрема. Голем дел од автобусите ќе бидат нископодни зглобни – дводелни, а преостанатите ќе бидат нископодни единечни. Зглобните автобуси ја имаат таа предност што имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните и многу побрзо патниците да влегуваат и излегуваат од автобусите, со што ќе се намали времето потребно да се стигне до конкретна дестинација во градот“, истакна Шилегов.