Почнува преговарачкиот процес со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници во должина од над 120 километри на коридорите 8 и 10-д, а во текот на годинава се очекува да почнат и градежни активности.
Управувачкиот комитет составен од претставници од институциите утре ќе одржи состанок по што ќе стартуваат преговорите на работната група во соработка со избраниот консултант ИРД Инжинеронг и надзор за проектот со кој денеска беше потпишан договор во Владата, откако компанијата ја достави банкарската гаранција за понудата од 1.374.304.070 денари, што ја достави на тендерот.
– Ќе ги вложиме сите потребни напори за изградбата на четирите делници со највисок стандард и квалитет, кои што одговараат на квалитетот на патиштата што се градат во ЕУ.
Немам сомнеж дека го имаме потребното знаење и експертиза за да го завршиме проектот навреме и со висок квалитет, рече Паоло Орсини, директор на ИРД Инжинеринг по потпишувањето на Договорот со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми во присуство на премиерот Димитар Ковачевски, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.