„Поткуп“ се одложи, обвинителот не му ги дал доказите на Заев

by fokus

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска се појави во Кривичниот суд каде што му се суди за случајот „Поткуп“, но главната расправа се одложи затоа што одбраната се пожали дека обвинителството не им ги доставило доказите врз основа на кои треба да подготват одбрана.

Адвокатот Филип Медарски истакна дека нивно законско право е да ги имаат доказите во рака бидејќи според Законот за кривична постапка нив треба да ги добијата уште кога им бил доставен обвинителниот акт. Тие направиле увид на доказите меѓутоа не добиле копија.

-Според член 321 став 2 од ЗКП доказите се дел од обвинителниот акт, па затоа обвинителството требаше да ни ги достави со обвинението. Бидејќи, имаме само листа на докази, но не и докази, бараме судот да ни овозможи фер постапка, истакна Медарски.

Неговиот колега Јаким Наумов истакна дека досега испратиле неколку барања до обвинителството за да им се достават доказите, но од обвинителството не им ги дале, поради што се сомнева дека ги кријат.

Обвинителот Владо Милошевски, пак, се оправда дека тој не може да им ги даде доказите, бидејќи според законските процедури, тие биле во еден примерок, а сега се наоѓале во судот.

Судијката Дијана Груевска Илиевски го уважи барањето на одбраната на Заев и ја одложи главната расправа за 4 мај до кога треба одбраната да ги добие бараните докази.

Заев инсистира покрај останатите докази распослани на стотина страници да ја добие и наредбата за спроведување посебните истражни мерки, според кои тој бил прислушуван и снимен бидејќи се сомнева во нивната законитост. Тој има сомнеж дека дел од прислушуваните разговори обвинителството ги користи за да покрене нови истраги против него.

 

В.В.

Поврзани новости