Потпретседателот на Алијансата за Албанците, Наим Бајрами, ги повика партиите на Албанците да ја напуштат Владата бидејќи, според него, одлуката на министерот за администрација Горан Минчев за промена на процентот на застапеност според Балансерот значи реализација на сценаријата за деградација на Албанците во земјава.
Поранешниот министер за администрација и информатичко општество, Бајрами, потенцира дека со одлуката, застапеноста на Албанците во сите институции ќе се намали од 29,52% на 24,30%.
-Тоа значи дека со години во иднина нема да се вработува ниту еден Албанец во оние институции каде што процентот на Албанци достигнал 24%, што практично значи дека на голем број институции ќе им бидат затворени вратите за Албанците. Забрзаните чекори на нелегитимната Влада за деградирање и најавеното укинување на Балансерот се крајно вознемирувачки и претставуваат сериозен удар за Охридскиот договор, правичната и соодветна застапеност и меѓуетничката кохезија во државата – вели Бајрами.
Според него, ова е доволна причина за партиите на Албанците во Владата дури и да биле победници на изборите, да ја напуштат оваа влада бидејќи, како што вели Бајрами, со секоја постапка се газело достоинството на Албанците.