Постоењето на бугарските клубови во земјава не е спорно, но тие треба да се усогласат со законот за здруженија во однос на нивните имиња, за што течат роковите, вели претседателот Стево Пендаровски.
-Немаме ние потреба да измислуваме начин, затоа што постои закон кој што го донесовме неодамна во нашиот Парламент, со поддршка и на власта и на опозицијата и тоа прилично брзо за македонски услови. Се согласивме околу клучната содржина. Рокот тече, за усогласување во однос на имињата на клубовите, само треба да се почитува законот без да се измислуваат нови механизми за постоење на тие клубови. Тие треба да постојат, меѓутоа треба да ги почитуваат и чувствата на Македонците, на сите македонски граѓани, на сите луѓе кои живеат во Македонија, а најдобар начин за тоа е да дадат имиња на клубовите кои немаат никаква врска со фашистичкото минато, рече Пендаровски на новинарско прашање за коментар за изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи за бугарските клубови во земјава со контроверзни имиња.