АРХИВА Послушното стадо на пастирот!

by fokus

Текстот е објавен на 29 ноември 2013 година во неделникот „Фокус“ во бројот 947

Пишувала
Јадранка КОСТОВА

СЕ ФРАПИРАВ од комоцијата на истражниот судија што го сослуша Мирослав Шиповиќ дури по 5 дена од неговото екстрадирање од Австрија, наместо во рамките на законската одредба тоа да се стори во рок од 24 часа. Како што првично СЕ ШОКИРАВ што власта не му дозволи на човекот да дојде во Скопје, го спречи со помош на меѓународна потерница. А ГОЛЕМА НЕПРАВДА е да ја забавуваш процедурата, некој да гние во притвор, само за да бидат советниците во Центар „пата-пата“! А уште од Америка, кога најави дека доаѓа за да го уапсат, Шиповиќ пророчки порача „што сакаат, нека прават“. И еве, си прават што си сакаат!

СЕ ЗАПРЕПАСТИВ деновиве од смелоста на скопскиот градоначалник и од советниците на мнозинството – бизнисот со Дрисла повторно да го доделат на сомнителната италијанска фирма ФЦЛ Амбиенте.  Се чувствував ДЛАБОКО ПОСРАМЕНА слушајќи ги нивните правни вратоломии, наспроти одлуките на управните судови. НЕ ЗАСПАВ ЦЕЛА НОЌ чудејќи се како со леснотија „згазија“ по една судска одлука која поништува, а не укинува. СЕ БУДЕВ, МОЛЧЕВ, ВОЗДИВНУВАВ не можејќи да одгатнам чуму ваква шашава упорност за италијанската фирма? Каков ли е ќарот од овој „циркус“!? И за кого?!

Ќе добиеме ли „Депониска ОКТА“? Штом второрангираната германска фирма најавува дека ќе бара висока отштета, има сериозни шанси од буџетот да се одлеат нови десетици милиони евра како во случајот ОКТА. И тогаш ДПМНЕ беше на власт! Но, што би рекле Србите „све ќе то народ позлатити“! Ќе ги плаќаме сите ние нивните хирови. Еднаш веќе им успеа. Оваа можна разврска ми предизвикува ЗАБРЗАНО СРЦЕБИЕЊЕ, бидејќи на талентиве ич не им чуе за ваквиот евроепилог.

Но, изгледа преродбеничките спојки со Италија се многу подлабоки. Кога разбрав дека без потреба, недомаќински биле „фрлени“ 8 милиони евра за лиење на споменици во Фиренца, СИЛНО СЕ ВОЗНЕМИРИВ. Да бидам искрена, БЕВ БЕСНА што власта со народните пари се расфрла толку лагодно, а нѐ замајува со „краставиците на Заев“. Се чувствувам ДЛАБОКО НАВРЕДЕНА што „краставиците“ од ресорот на министерката за култура и „корнишоните“ од Општина Центар ни се пласираат како успех од епохални размери за детоксикација од отровната опозиција.

Уште повеќе, ми го ПОВРЕДУВААТ ЧОВЕЧКОТО ДОСТОИНСТВО што како да сме морони, успешно ги кријат податоците за загаденоста на воздухот во Скопје. Ама пестицидите во „краставиците на Заев“ наизуст ги знаат. Срам ми е што тие не чувствуваат ТЕЖОК СРАМ од ваквите спинови. Ним не им гајле за здравјето на граѓаните колку што се грижат за политичкото „здравје“ на лидерот на опозицијата.

Доволно е само да се присетам како си ги чуваат миленичињата од „Скопје 2014“ – ангажираа подобни агенции за обезбедување да ги штитат (небаре некој може да ги крене и да ги однесе или Фрчко со француски клуч да ги демонтира), ем апарати набавија што звуци испуштаат за врапци да не ги серат. И сега, добивам НАГОН ЗА ПОВРАЌАЊЕ што цркви со леснотија им горат поради неисправни инсталации, пред нос им се крадат 166 вредни артефакти, ама тие си се преокупирани со своето. Си конструираа новокомпонирано културно наследство во центарот. Карикатуралноста, пак, на ова наметнато културно наследство доаѓа до израз кога ќе се чујат уште силните милиони потрошени за нив.

Од друга страна, нѐ отруја со црната партиска пропаганда за инакумислечките. Нѐ контаминираат катадневно со владини реклами што веќе наликува на ПСИХОЛОШКИ АТАК. Тоа, пак, што селективно ги делат, та затоа им удрија штембил на државна тајна, навредува и ни ГО КРЕВА ПРИТИСОКОТ. Кога поради инаквиот став нѐ прават предавници се чувствуваме како „ОБЕЛЕЖЕНИ“ И ПОНИЖЕНИ. Навистина, да се живее во ова преродбеничко време, а да си критички настроен кон власта е изложување на ИНТЕНЗИВНА СТРЕСНА СИТУАЦИЈА. Не знаеш на која листа за отстрел можеш да завршиш. Зарем некој „од другата страна“ од нивната  може во овие луди години да ужива во ЖИВОТНИТЕ РАДОСТИ, кога не знае што му носи денот!

Конечно, сите овие болдирани делови за моите или за нашите емоционални реакции, од типот шокиран, фрапиран, бесен, понижен, нагон за повраќање итн., всушност ги има во психијатриските вештачења на неколку најврвни преродбеници. Тие доживувале такви душевни болки од клевети и навреди на опозиционери и неподобни новинари, а ние, пак, од нивното владеење. Тие за нивните болки бараат пари за да ги санираат ранливите души, нам, пак, беспари ни ја вадат душата! Имале срам ако ги навредат, а не им е срам како владеат!

Историчарот и активист Хаурд Зин пред четири децении, во дебата за граѓанска непослушност, ги лоцираше проблемите во светот во граѓанската послушност. И Хитлер и Сталин владееле така како што владееле затоа што мнозинството граѓани послушно ги следеле нивните наредби. Денес кај нас мислам дека убиствена е партиската послушност. Си гласаа послушно за Дрисла, се радуваат на притворот на Шиповиќ, аплаудираат на расипништвото за споменичното лудило, што е мачно да се следи, дури предизвикува и ДУШЕВНИ БОЛКИ. Но, така е тоа кога стадото кротко го следи пастирот дури и кога патот по кој ги или нѐ води е провалија!

П.С. Во дилема сум дали можеби сите ние што вака ја доживуваме преродбата треба да одиме на психијатар, па со истите наоди да ги тужиме за навреда. Секако, за разлика од нив да бараме по едно евро отштета зашто, нели, не е сѐ во парите! Барем, според нас, честа со пари не се купува!

Поврзани новости