„Заедно поминавме многу во историски најтешкиот период за македонското здравство. Поддршката која ја добивавме јас и моите колеги ни даваше сила да продолжиме напред и да ја водиме битка со пандемијата. Одново да се бориме за секој живот и да се грижиме за здравјето на секој пациент. Но, и покрај сите предизвици со глобалната ковид криза, успеавме да направиме темелни промени во здравството и да реализираме инвестиции на кои сум навистина горд“, вели Филипче во своето последно обраќање до јавноста како министер.
Тој се пофали и со покачувањето на платите на лекарите и мединскиот персонал.
„Го вративме достоинството и мотивацијата на здравствените работници со покачување на платите како никогаш порано. Тие сега земаат повисоки плати од 25 до 40%, а специјализантите за првпат се платени додека специјализираат. Верувам дека новата Влада ќе продолжи да ги покачува платите бидејќи здравствените работници тоа го заслужуваат. Се грижевме за сите пациенти подеднакво како и за оние кои порано беа игнорирани и заборавани. Обезбедивме лекови за пациентите со ретки болести. Нема ниеден пациент без достапен лек затоа што секој човек е важен, а воспоставивме и регистар за ретки болести. Нашата земја конечно нема лекови од паралелен увоз, ги укинавме и квотите, и сега сите лекови се квалитетни и достапни во секое време“, додава Филипче.
Екс министерот за здравство им се заблагодари на своите колеги.
„Нивната пожртвуваност и посветеност заслужуваат најголема почит, а јас и понатаму ќе продолжам да се борам за нивните права и достоинствен третман од страна на државата. Ви се заблагодарувам уште еднаш на сите кои ја препознавте посветеноста и трудот со кој работев, но и на оние кои добронамерно ме критикуваа и советуваа. Заминувам од позицијата министер горд на сработеното знаејќи дека се што направивме, секоја одлука која ја донесовме ја носевме исклучиво во интерес на здравјето и заштита на граѓаните. Со оваа мисија продолжувам да работам и понатаму“вели Филипче.