Во подземен трезор на Универзитетскиот клинички центар во Љубљана, каде што на 4 мај 1980 година почина Јосип Броз Тито, се откриени кутија документација.
Хрватските медиуми објавија дека документите даваат нов пристап во последните месеци од животот на Тито и неговиот персонал во најдобрата медицинска установа во поранешна Југославија.
Документацијата била пронајдена во просторија, која последен пат била користена како засолниште за време на краткотрајната војна на Словенија со ЈНА во 1991 година.
На повеќето документи има податоци за сè што било платено за време на престојот на Тито и неговиот персонал во болницата, кој укажуваат на удобен живот. За еден месец биле изедени 100 килограми свинско месо, 31 килограм бебешко телешко месо, 18 килограми свински врат, повеќе од 15 килограми пршута и 90 килограми конзервирана шунка.
Во истиот период биле набавени и платени 91 шише виски, 20 шишиња рум, 11 шишиња вотка и 100 литри вино, а според една сметка нарачани биле 700 парчиња торта, 200 ролати, 200 крофни.
Исто така бил пронајден и допис од Институтот за патологија во кој било наведено дека обдукцијата на Тито ќе чини 33.437 динари. Лекувањето на Тито го платила тогашната Социјалистичка Република Словенија и чинело два милиони и сто илјади динари. Го лекувале седум доктори од Словенија, САД и Русија, пишуваат хрватските медиуми.
Во последните денови Тито бил во вештачка кома, приклучен на респиратор и очигледно е дека набавуваните пијалоци и храна не биле конзумирани од него.