Лидерите на СДСМ и ДУИ, по постигнатиот договор за владина коалиција, споделија детали за средбaта, но не открија како ќе се делат министерствата. Овие одлуки ќе биле соопштени откако ќе добиеле зелено светло од највисоките тела во партиите.
Лидерите посочија дека се усогласиле дека техничката влада ќе се укине, со технички премиер и министри. Наместо тоа, во последните 100 дена од мандатот Зоран Заев ќе се повлече од премиерската позиција, и тогаш ќе дојде премиер на предлог на ДУИ.
-Кога ќе ја укинеме техничката влада, при крајот на мојот 4-годишен мандат, на 100 дена пред редовните парламентарни избори, сите партии ќе бидат еднакви и рамни. На предлог на ДУИ ќе додјде премиерот кој ќе ја извршува функцијата премиер во тие 100 дена, појасни Заев.
Лидерот на ДУИ, Ахмети, прашан зошто се откажал од премиер Албанец, истакна дека идејата била да се доближат граѓаните.
-Идејата беше за доближување, порака за преземање одговорност од Албанците за заедничка држава. Мора да му признаам на Заев за храброста и поздравувам дека ќе има Албанец премиер во последните 100 дена од оваа Влада, рече меѓу другото Ахмети, додавајќи оти идејата била да се доближат граѓаните и заедниците, а не да се раздвојат.