Последниот документ што го потпиша претседателот Трајковски, заедно со тогашниот премиер Црвенковски, беше барањето на Република Македонија за членство во Европската Унија. Тоа за него беше приоритет над приоритетите, рече вечерва претседателот Стево Пендаровски.
-Трајковски беше свесен дека евроинтеграцијата е потфат што надминува еден мандат и дека целта не се постигнува само со формално усвојување на европското законодавство, туку со прифаќање на европските вредности, со промена на менталитетот на луѓето, со јакнење на граѓанскиот сектор, со независно и ефикасно судство, со функционални и отчетни институции, со владеење на правото. Со ставање на општото добро и на јавниот интерес пред личните и партиските интереси.
Тоа писмо до Европската Унија е политичкиот тестамент на Борис Трајковски, меѓутоа, реализацијата на таа цел е задача на нашата генерација од која зависи дали, како што велеше „ќе одиме по патот на напредокот или ќе продолжиме со навиката да го крпиме животот од денес до утре, да чекаме проблемите да се решаваат сами или да ни ги решава некој друг“.
Длабоко сум убеден дека огромно мнозинство македонски граѓани сакаат да учествуваат во националниот проект со стратешки димензии преку којшто Северна Македонија ќе биде функционална правна држава во која ќе има услови за нашите млади да останат во својата татковина и тука да се вклучат во битките на 21-от век, за економски раст, дигитален развој и здрава животна средина.
Одбележување 20 години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата. Слава им, рече Пендаровски.