Со убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани, американскиот претседател Доналд Трамп презеде геостратешки ризик. Непредвидливото влијание на ова случување веќе се чувствува далеку од Блискиот исток и во овој момент никој не знае какви ќе бидат последиците, пишува Питер Апс за Ројтерс, пренесува Радио Слободна Европа.
Нападот со дрон на Сулејмани е последната ескалација во конфронтацијата преку посредници, која трае скоро 20 години. Од Сирија преку Ирак, Јемен, Либан, во тие судири се убиени илјадници луѓе. Мешутоа, минатата година особено стана очигледно дека Иран и неговите противници ги кршат вообичаените правила на војување, изведувајќи напади на танкери во Заливот и саудиската енергетска инфраструктура.
Американските мерки за одмазда, како што се воздушните удари на проиранската милиција во Ирак, обидите за упад во амбасадата на САД во Багдад, беа вовед во излизгување на непозната територија.
Краткорочно гледано, засега не е јасно дали едностраната американска акција, која шокираше многумина во Вашингтон и ширум светот, ќе доведе во поголемо насилство на Блискиот исток.
Некои кругови во Техеран сакаат одмазда поради убиството на Сулејмани, кој беше сметан за втора најмоќна личност во Иран и клучен архитект на меѓународните воени операции, што може да предизвика хаос во регионот. Истовремено, има и ирански политичари кои се залагаат за воздржаност.
Иран би можел да реагира со нови напади на бродовите во Заливот, но тоа би било нова шанса за САД, Израел и други земји во регионот, кои одамна сакаат да ја уништат воената моќ на Иран. Долгорочно гледано, иранскиот одговор е неизбежен и може да предизвика војна во регионот.
Многу е важна и реакцијата на американските локални и глобални сојузници, но и противници. Изгледа дека Русија и Кина се се повеќе вклучени во одмерувањето на силите во овој регион, а неодамна најавија и заеднички вежби со иранската морнарица. Сосема е извесно дека рускиот претседател Владимир Путин ќе биде во искушение значајно да ја засили поддршката на Техеран. Иран и Русија имаат комплексни односи и се натпреваруваат за влијание на Блискиот исток, но во Сирија воспоставија релативно ефикасно сојузништво, пишува Ројтерес.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани не е изведено со цел да се предизвика конфликт со Иран, туку да се прекине војната.
Генералниот секратар на Обединетите нации, Антонио Гутераш изрази голема загриженост поради ескалацијата на тензиите во Персискиот залив и порача дека светот не може да си дозволи уште една војан во Заливот.