Мило Ѓукановиќ беше на власт речиси 33 години, додека не загуби во неделата од Јаков Милатовиќ во вториот круг од претседателските избори во Црна Гора.
Долговечноста на неговото владеење најдобро се илустрира со тоа колку поинаку изгледал светот непосредно пред Мило да стане премиер.
На почетокот на 1991 година, поточно на 15 февруари таа година, Мило Ѓукановиќ стана премиер на Црна Гора, која тогаш сè уште беше дел од Социјалистичка Федеративна Република Југославија, како и другите нејзини членки, а Слободан Милошевиќ беше нов на власт. Иако тоа ќе се случи во многу блиска иднина, граѓанската војна сè уште не избила.
Советскиот Сојуз, предводен од Михаил Горбачов, се одржа заедно и тензиите во Студената војна меѓу СССР и САД полека стивнаа.
Претседател на САД во тоа време беше Џорџ Буш постариот, таткото на помладиот Џорџ Буш кој владееше на почетокот на 21 век и на кој повеќето луѓе мислат денес кога ова име и презиме се споменати.
Берлинскиот ѕид, кој од денешна гледна точка изгледа како дел од античкото минато, беше урнат нешто повеќе од една година пред Мило да дојде на власт, а Источна и Западна Германија само што требаше да се обединат во една држава, пишува „Данас.рс“.
Чехословачка сè уште не се распадна и требаше да поминат уште речиси две години до конечното раздвојување на Чешка и Словачка.
Садам Хусеин беше претседател на Ирак.
Најпопуларни спортисти во светот пред почетокот на 33-годишниот престој на Мило на власт беа Мајк Тајсон, Мајкл Џордан, тенисерот Андре Агаси и Диего Армандо Марадона.
Сите четворица споменати спортисти одамна се пензионираа, а легендарниот Марадона почина.
Она што најдобро ја илустрира долговечноста на Мило Ѓукановиќ на власт е фактот дека неговиот противкандидат, кој го победи на неодамнешните избори, Јаков Милатовиќ, имал неполни пет години кога Ѓукановиќ првпат стана премиер на Црна Гора, сублимира „Данас.рс“.