После седми мај ќе се одржи следната седница на работната група за уставните измени

by fokus

Работната група за подготвување на предлог иницијатива за потребата од измени на Уставот денеска ја одржа констититутивната седница на која членовите едногласно ги избраа претседателот и заменик претседателот на работната група.

Следната седница на работата група ќе се одржи после седми мај, одговараат за „Фокус“ од Министерството за правда. Додаваат дека на денешната седница не се дискутирало за други точки.

На прашањето дали се дискутирало за финансиски надоместок на членовите на групата, од Правда велат дека никој од членовите не ја покренал таа тема.

Пред да се формира работната група за уставните измени „Фокус“ праша дали членовите ќе добиваат паричен надоместок и доколку да, како тој ќе се пресметува. Тогаш од Министерството за правда кусо одговорија дека прашањето на финансиските надоместоци дополнително ќе се дискутира.

За претседателка на работната група избрана е Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а за заменик претседател Бајрам Положани ,поранешен судија во Уставниот суд и професор по уставно право.

Предлагач на уставните измени е Владата која го задолжи Министерството за правда да формира работната група . Работната група ќе има за задача да ја подготви предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот на Република Северна Македонија. По изготвувањето предлогот ќе биде доставен до Владата која ќе треба да ја поднесе иницијативата во Собрание. Предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието.

Катерина Смилева Божиновска

 

Поврзани новости